Митриќески и Шода бираа локации за снимање на „Деца на сонцето“

Режисерот Антонио Митриќески заедно со полскиот директор на фотографија Јарек Шода беа да ги разгледаат локациите околу крајбрежјето на Преспанското езеро, каде на пролет ќе се снима неговиот најнов филм „Деца на сонцето“.

Шода и Митрикески се другари и соработници уште од студентските денови во Полска, каде Антонио има дипломирано на Државната школа за театар, филм и телевизија во Лоѓ, на отсекот на филмска и ТВ режија во 1987 година.

Шода беше директор на фотографија и на предходниот игран филм на Митрикески, „Како лош сон“, па возбуден поради причината што повторно ќе соработуваат изјави: „Пресреќен сум што повторно ќе работам со Митриќески. Јас и тој многу лесно наоѓаме заеднички јазик, а понекогаш се разбираме и без зборови. Љубовната приказна на Михиќ буквално ја голтнав од првиот до последниот ред. Деновиве, уживав покрај Преспанското езеро, кое мислам дека е совршена локација да се наслика приказната за филмот“ вели Шода.

Филмот ќе почне да се снима на 20-ти мај според сценарио на култниот писател Гордан Михиќ. Ова е трет игран филм на Митрикески на кој му предходат „Преку езерото“ во 1997 година и „Како лош сон“ во 2003 година. Продуцент на филмот е Дејан Милошевски. Автор на музиката е Влатко Стефановски, кој во филмот ќе глуми и епизодна улога.

Главната машка улога му е доделена на младиот македонски актер Кире Ѓоревски. Планирано е да се снима 36 дена. Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Словенија и Србија. Сепак, најголемиот дел од средства се обезбедени од Филмскиот Фонд на Република Македонија, а другите држави влегуваат во овој проект како малцински.

Речиси сите локации за снимање се наоѓаат покрај самото езеро, каде што ќе бидат изградени и адаптирани објекти. При тоа, филмската екипа внимава и ќе обрне сериозно внимание кон зачувување на природата, бидејќи, над се, целта на режисерот е да ги покаже убавините на Преспа.

You May Also Like