Меѓународна мултимедијална колонија „Битола“

Во Вила Дајмонд – Битола, во рамките на фестивалот Битфест, а под покровителство на Општината Битола и градоначалникотд-р Владимир Талески, по вторпат ќе се одржи традиционалната Меѓународна мултимедијална колонија Битола 2014.

bitola (3)

 

Колонијата ќе трае три дена, а свеченото отворање ќе биде на 1 јули во 20 часот со промоцијата на театарските изданија Двонасочна релација театар – публика од м-р Трајче Кацаров (издание на Матица – Скопје) и Театарот како имагинарен остров од проф.д-р Христо Петрески (издание на Феникс – Скопје), при што ќе се одржи и трибина на тема Македонскиот современ театарски миг, кога ќе настапат Трајче Кацаров, Христо Петрески и Зоран Пејковски.

Следниот ден, исто така во 20 часот, ќе се одржи промоција на книгата Под кожа од Даниела Божичковиќ Радуловиќ (Србија), како и Вечер на љубовна поезија со настап на актерот Страшо Милошевски и Силвана Петрова Насух и учество на поети од Битола, Ресен, Скопје, Прилеп, Струга и други градови. Притоа, ќе бидат врачени и наградите Медалјала за ликовна уметност, за книжевност и за сценски настап.

Инаку, сите учесници на Меѓународната мултимедијална колонија (литература, сликарство, театар, музика, филм, уметничка фотографија и стрип) ќе создаваат дела на теми од Градот Битола, но и на слободни теми по избор на самите автори.

Целта е да дојде до полн израз нераскинливата врска на книжевноста, ликовната уметност и другите уметности, при што на Меѓународната мултимедијална колонија ќе се создадат нови дела во кои, пред сî, ќе биде овековечена денешна Битола, која е неразделно поврзана со минатото, традициите, својата оригинална и специфична архитектура, обичаите и градскиот живот.

Преку книжевно творештво (поезија, проза, записи и есеи), но и ликовно творештво и уметничка фотографија, Меѓународната мултимедијална колонија Битола 2014 ќе ги презентира авторите од Битола, но и гостите од земјата и странство.

Инаку, учесници на годинашната Меѓународна мултимедијална колонија Битола 2014, ќе бидат: Даниела Божичковиќ Радуловиќ, Наталија Пулејкова Радеска, Сузана Прендиќ, Илина Арсова, Христо Петрески, Трајче Кацаров, Страшо Милошевски и Живко Поповски Цветин, како и гостите: Аница Ѓорѓиевска, Радован П. Цветковски, Петре Димовски, Добре Тодоровски, Зоран Пејковски, Мирјана Стојановска – Палигора, Петко Шипинкаровски, Кире Неделковски, Милица Димитријовска – Радевска, Весна Мундишевска – Велјановска, Илче Стојановски, Билјана Т. Димко, Елизабета Јончиќ, Филип Димкоски, Наташа Зузаровска, Весна Миркова и други.

You May Also Like