Белградското дуо Tearpalm настапува во Куманово

Вечер (сабота, 15 декември, 2012) во 22:00 во клубот Wire во Куманово настапува белградското дуо Tearpalm.


Tearpalm, главното музичко возило на Марко Дабетиќ, белградски писател, историчар на уметноста и електронски музичар. Под влијание на kraut/space rock звукот од доцните шеесетти и раните седумдесетти години, како и раниот британски industrial и њујоршкиот гитарски noise од осумдесеттите на минатиот век, Tearpalm бил основан во Ниш 2007 година, како one-man студиски проект. Во таа фаза, Tearpalm има објавено два долгосвиречки албума во соработка со пионерката хрватска инди етикета “Slušaj najglasnije” и еден транзициски албум кој може да се симне само од интернет, за издавачката куќа “Crime:Scene Records” (претходно позната како “Dark:Scene Records”) од Нови Сад, Србија.

Првиот, дебитантски албум на Tearpalm од 2008 г. “Prijatelj sa Duhovima Mesta” забележува успех на листата на KZSU (официјалната радиостаница на универзитетот Стенфорд, http://kzsu.stanford.edu/) од десетте најдобри класични, електронски и експериментални албуми, заедно со најновите изданија на Emeralds, Olafur Arnalds и Ivan Čkonjević. Овој албум вклучува и бонус диск со ремиксуван материјал на Тearpalm од страна на српски електронски артисти и бендови: Margita je mrtva, Lezet, Figurative Theatre, DeepArtMent и THIRD I.

Во текот на 2009 г., освен издавањето на својот втор албум, Tearpalm исто така има објавено песни за неколку компилации, меѓу кои најзабележителна е “That’s Romance”, посветена на легендарскиот индастријал музичар Џон Зуис (John Zewizz), составена од Бред Милер, човекот кој ја отвори интернет страницата John Zewizz Appreciation Society, одобрена од Зуис лично. Парите собрани од продажбата на оваа компилација во САД биле донирани за акцијата за спас на поларните мечки. Истата година Tearpalm има учествувано во “Clyde Parker Sessions”, мултинационален проект воден од францускиот електронски артист Monolith & Cobalt.

Со преселбата во Белград во 2009 г. Tearpalm станува трио кое се состои од Марко Дабетиќ на компјутери, гитара, синтисајзер и вокали, Милош Дабетиќ на бас гитара и Димитрије Цветковиќ на клавијатури и разни ефекти. Оттогаш Tearpalm редовно има настапувано во белградските клубови и настани кои го негуваат алтернативниот звук, заедно со разни бендови и електронски изведувачи. Во 2011 г. новиот состав на Tearpalm за првпат бележи настапи надвор од Белград во Нови Сад и Панчево. Концертните активности во 2012 г. вклучуваат соработка во живите настапи со Дамјан Бркиќ (гитарист и основач на српскиот алтернативен бенд Klopka za pionira), Lebdi & Koneyn и гостите од странство Hippy Death Suite (Белгија) и E.U.E.R.P.I. (Бугарија).
Живите настапи на Tearpalm, кои се отворени за промени на составот и спонтано гостување на други луѓе, имаат придонесено овој бенд да се „стопи“ во стабилно дуо: Марко Дабетиќ и Димитрије Цветковиќ. Неодамнешните настапи во живо вклучуваат видеа на белградската уметница Марина Рајиќ.
Втората половина на 2012 г. донесе пет нови остварувања на Tearpalm, а новиот албум се очекува да се појави во 2013 г.

You May Also Like