Во Градскиот музеј во Крива Паланка за првпат се одржа „Велигденска традиција“ која се организира со цел да се зачуваат велигденските обичаи и традиции …
Во дворот на локалната установа „Градски музеј“ од Крива Паланка денеска првпат се одржа голема празнична манифестација „Велигденска традиција“ која се организира со цел да се зачуваат велигденските обичаи и традиции.
– На Велигден се празнуваат животот и најрадосната вест за воскресението Христово. Нашата вера се темели на радоста која Исус ја донесе со светлината, а таа е наш патоказ низ животот. Затоа, не постои поубав повод на овие денови посветени на радоста, истата да ја прославуваме покрај во домовите и храмовите, и овде, заедно, со надеж дека традицијата на богоугодното прославување ќе се пренесе на идните генерации, рече на отворањето градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Пред неколку стотици кривопаланчани, кои на вториот ден Велигден беа присутни во дворот на музејот, беше поставена традиционална велигденска трпеза од Кривопаланечкиот крај со слатки и солени специјалитети, изработени од вештите раце на кривопаланечките домаќинки.
– За Велигден нашиот народ спроведува низа обичаи кои секогаш се неодминлив дел од празнувањето на големиот христијански празник, а ние одлучивме традициите и обичаите кои повозрасните ги практикуваат од дамнина, да ги зачуваме и пренесеме на младите поколенија. Токму со оваа манифестација ќе овозможиме да се направи симбиоза на генерациите и да се зачуваат традициите, нагласи директорот на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка, Драган Величковски.
Манифестацијата имаше и натпреварувачки дел каде во конкуренција на изработки на однапред пријавените учесници се одбираше најубаво украсено велигденско јајце, најубава рачно изработена велигденска декорација, а се одржа и натпревар за најцврсто јајце. Најуспешните тројца во трите категории освоија парични награди.
Претходно, како дел од манифестацијата „Велигденска традиција“ беше одржана и дводневна работилница, насловена „Се запознаваме со обичаите за празникот Велигден“, на која учествуваа ученици од прво до петто одделение од основните училишта од Крива Паланка.