Македонска делегација се поклони на гробот на Свети Кирил

Македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов, денеска се поклони на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим …

moleben na sveti kiril vo Rim 1Со молебенот на гробот на сесловенскиот просветител чиноначалствуваше митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца. Во состав на државната делегација за молебенот на традиционалната манифестација во чест на основачите на првата словенска азбука, беа и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, и амбасадорите на Македонија во Рим и во Ватикан, Оливер Шамбевски и Звонимир Јанкулоски.

Првпат по 1999 година, на молебенот на Македонската православна црква на гробот на Свети Кирил, присуствуваа амбасадорите на Бугарија во Рим и Ватикан, Марин Рајков и Кирил Топалов. На чествувањето на гробот на Свети Кирил од Бугарската црква, пак, присуствуваа македонските амбасадори Шамбевски и Јанкулоски.

– Ова е поклонение во рамки на бугарската делегација. Ние доаѓаме тука првпат, а вие доаѓате кај нас на нашето поклонение во 15 часот. Тоа е начело на еден чекор кој би можел да не одведе до едно постепено подобрување на дијалогот и наоѓање решение за општо чествување на општата историја, изјави Рајков.

Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници Валентина Божиновска, присуството на бугарски државни претставници на македонското поклонение, го оцени како значајно за двете држави.

– Мислам дека ова е голема потврда за македонскиот народ дека сме дел од големото словенско семејство, бидејќи е еден од најголемите верски сесловенски празници, Денот на Кирил. Лично сметам дека кога светот се обединува во една голема глобализација и на цивилизациска и на културолошка, верска и образовна основа, ваквите чествувања се уште еден чекор напред за Република Македонија и нејзиното, пред се, политичко и државничко однесување затоа што светот веќе нема граници и се обединува, изјави Божиновска, истакнувајќи дека чествувањето е голема работа за двете држави.

moleben na sveti kiril vo Rim 2

moleben na sveti kiril vo Rim 5

На 11-ти овој месец, Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науките, во Софија, имаа заедничко чествување на творците на словенската писменост. На одбележувањето присуствуваше и македонска црковна делегација предводена од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.

Според митрополитот европски г. Пимен, присуството на македонските академици и на Архиепискот Стефан во Софија, направи прв чекор кон зближување на двете цркви. – За официјално сослужување се уште не станува збор, но и овде денес го имаме присуството на нашиот молебен на бугарскиот амбасадор во Рим и во Ватикан, а исто така е предвидено за време на нивниот молебен кој ќе биде отслужен од страна на бугарската црква да бидат присутни нашите амбасадори во Италија и Ватикан, изјави Пимен.

moleben na sveti kiril vo Rim 4

Со традиционалниот молебен на гробот на Свети Кирил, според митрополитот Пимен, се заблагодаруваме за делата на големиот провестител, кој, како што рече, навистина многу го задолжил не само македонскиот народ, туку воопшто целиот славјански род со неговата мисија. – Во чест, спомен и благодарност за се што направи за нашето описменување и не само за описменувањето, туку и за новото покрстување што се прави во негово време, традиционално по 46-ти пат доаѓаме тука на молебен на кој се заблагадоруваме за се она што направил тој за нас, изјави епископот Пимен.

На чествувањето на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ присуствуваа и повеќе од 300 верници од црковните општини на македонската дијаспора во Италија. Нивниот број, според епископот Пимен, секоја година се зголемува, со што покрај од државната делегација празникот се одбележува од целиот македонски народ во Италија.

По молебенот, Иванов и државната делегација, имаа средба со претставници на македонското национално малцинство во Италија.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Црквата го прогласила 24 мај за Ден на просветителите Свети Кирил и Методиј во 11 век. Денот во Македонија првпат е одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје. Од 2007 година 24 мај е и државен празник на Република Македонија.

Со присуството на молебенот, денеска претседателот Иванов ја заврши посетата на Италија, во тек на која беше на аудиенција кај папата Франциск, се сретна со државниот секретар на Светиот престол, монсињор Пјетро Паролин, а имаше и билатерална средба со својот италијански колега Џорџо Наполитано.

Паралелно со 46. издание на манифестацијата во чест на Свети Кирил Македонија одбележува и 20 годишен јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи со Ватикан. Како дел од културната програма за манифестацијата и јубилејот, во Ватиканските музеи завчера беше отворена изложба „Словенски ракописи од 13 до 19 век“, а синоќа во театарот „Куирино“ беше изведена театарската претстава „14 часа“, во продукција на МОБ.

14 casa vo rim 1

14 casa vo rim 4

14 casa vo rim 5

14 casa vo rim 6

You May Also Like