Македонија се претставува на Фестивалот „Денови на словенската култура“ во Чешката Република, кој вчера се отвори во Прага …
Фестивалот „Денови на словенската култура“ кој вчера беше отворен со настапот на македонската етно музичка група „Баклава“ во чешкиот град Кромјериж годинава е посветен на македонската и русинската култура, јави дописникот на МИА.
Пред чешката публика, во наредните денови, Македонија се претставува преку музика, изложби, театарски претстави и филмови.
Фолклорното друштво „Китка“ од Истибања ќе гостува во четири градови меѓу кои и главниот град, Прага.
Во чешката метропола, во познатата Шпанска синагога, на 1 јуни ќе одржи концерт и групата „Баклава“, која со своите преработки го негува звукот на македонската традиционална песна. Членовите на групата меѓу другото, ќе изведат и латино песни од нивниот последен албум, сите поврзани преку македонскиот и медитеранскиот звук на 7 различни јазици.
Дел од Фестивалот е и изложбата на карикатури на Галеријата „Остен“.
– Во изминатите години многу чешки автори учествувале на изданијата на Светската Галерија, при што еден од наградените трудови на овогодишното 42. издание е чешкиот автор Јиржи Новак. Дека карикатурите предизвикуваат значаен интерес и во двете земји, потврдува фактот што неодамна во Скопје во март беше претставена изложбата на карикатури од познатиот чешки автор Јозеф Блеха, рече во уводниот говор македонскиот амбасадор во Прага, Паскал Стојчески.
Стојчески, оценувајќи го Фестивалот како значајна културна манифестација која дава свој уникатен придонес за зачувување и развој на културните вредности, традиции и содржини, споделени од словенските народи, ги повика гостите да уживаат во дел од културните вредности на Република Македонија.
Во рамки на претставувањето на нашата земја во Чешка, ќе бидат прикажани и филмовите „Пред дождот” и „Големата вода” на македонските режисери Милчо Манчевски и Иво Трајков, како и изложба на фотографии од Македонија на Атанас Талевски и Беседата за чешко-македонските односи низ историјата, од академик професор Иван Доровски.
Дополнителни културни активности со цел одбележување на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Чешка, се предвидени и во ноември, кога Прага ќе ја посетат претставници на македонското Министерство за култура.
Дел од настаните, е и изложбата на Националната македонска галерија на уметнички дела од македонски современи автори во Чешкиот центар, претставата „Македонска претстава” на скопскиот Театар за деца и младинци, концерите на дуото „Скупи“ и Крсте Бадаровски, пијанист од Македонија кој живее и работи во Чешка.