Македонија на саем за туризам во Бугарија

По подолг период, а во организација на тимот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Македонија успешно ги претставува туристичките потенцијали и можности на саемот за туризам во Софија, Бугарија кој се одржа од 14 -16- февруари.

Република Македонија во најфреквентниот период ги претстави своите туристички потенцијали и можности на официјална прес конференција пред огромен број на новинари, а на кои се обратија Амбасадорот на Република Македонија во Бугарија, г-дин Благој Ханџиски, Директорот на Агенцијата за поддрша и промоција на туризмот, г-дин Јордан Трајков, Економскиот промотор на Република Македонија во Бугарија, г-ѓа Ана Стојкова. По прес конференцијата гостите имаа можност да уживаат во традиционална македонска храна и прекрасни вина.

“На полето на туристичката размена, резултатите на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот за 2012 година покажаа дека Бугарија се наоѓа на петтото место после Грција, Турција, Србија и Холандија. Ние работиме на тоа Бугарија да најде меѓу првите три наши туристички партнери – затоа што за тоа ги имаме сите претпоставки – и затоа што тоа им доликува на нашите два блиски соседни народи” изјави Благој Ханџиски, Амбасадор на Република Македонија во Република Бугарија.

Васко Шутаров, директор на Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија истакна дека културата е едно од најпрепознатливите обележја на Р.Македонија и  едно од највредните туристички богатства,што нашата држава може да им го понуди на гостите од сите светски меридијани.
-За публиката во Софија,во рамките на програмата на Културно-информативниот Центар, помогнато од Министерстввото за култура, организиравме концерт на младата гитаристка Македонка Ичева, која покрај  класичниот опус на гитара, се претстави и со обработка на познати македонски евергрини и староградски песни. И на македонскиот штанд на Саемот, единствено ние како држава имавме своја културна програма, а настапот на Македонка Ичева со грст интерпретации од најубавата македонска музичка ризница, предизвика исклучителен интерес кај гостите на Саемот за туризам-Софија 2013 година-изјави Шутаров.

Економски промотор на Република Македонија во Бугарија, Ана Стојкова потенцираше дека Република Бугарија претставува исклучително важен економски и туристички партнер на нашата земја  и од двата аспекти е позиционирана во првите пет земји со кои  Македонија остварува успешна соработка во изминатите години.

-Во рамките на Меѓународниот саем за туризам беше организирано успешно претставување на новините во областа на туризмот на Република Македонија пред речиси 100-тина тур-операторите и туристички новинари од Република Бугарија. Ваквиот одзив на презентацијата и на впечатливиот штанд, посетата на министерот за економија на Р. Бугарија, г-дин Делјан Добрев и остварените меѓусебни бизнис контакти се релевантен показател за интересот на бугарските туристи за Р. Македонија како туристичка дестинација и ни дава за право да очекуваме зголемување на нивниот број во нашата земја во идниот период-вели Стојкова.

Македонија се претставува на осмиот по ред меѓународен саем оваа година од вкупно седумнаесет со свој впечатлив штанд и нови промотивни материјали.

You May Also Like