Македонија во потрага по филмски финансиери во Котбус

На 14-тата едиција на East-West копродукциски маркет Конектинг Котбус, во Германија ќе бидат презентирани 13 проекти од 12 земји кои пред околу 150 продуценти, финансиери и фондови ќе ги презентираат своите проекти со цел да обезбедат копродуцентски средства за реализација на филмовите.

Оваа година беа пријавени 83 проекти од 29 земји од кои беа селектирани 13 проекти меѓу кои и најновиот проект „Слобода или смрт“ на режисерот Владимир Блажевски кој заедно со продуцентот Дарко Попов ќе се борат да обезбедат копродуценти на овој копродукциски маркет.

Наградата coco Best Pitch Award, се доделува со гласање на сите присутни на презентациите, а наградата coco Post Pitch Award вредна 25,000 Евра во опрема и сервиси за филмскиот проект ја доделува жири составено од три филмски професионалци. Македонската актерка Ана Стојановска на фестивалот во Котбус ќе го представува филмот „Вера, љубов и виски“  на режисерката Кристина Николова во кој нашата актерка ја игра главната женска улога.

Директорот на Филмскиот фонд на Македонија Дарко Башески ќе учествува на работилницата со наслов “Перспективите на програмата на Еуримаж за поддршка на дистрибуцијата во Турција, Русија, Грузија, Србија и Македонија” на која треба да се изнајдат новите модели за ваквата поддршка вклучувајќи ја и дигиталната дистрибуција на филмовите.

You May Also Like