Литературно мементо по повод стогодишнината од смртта на големиот хрватски писател Антун Густав Матош …
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје денеска организира Литературно мементо по повод 100 години од смртта на големиот хрватски писател Антун Густав Матош.
За делото на Матош ќе говорат амбасадорот на Република Хрватска во Република Македонија Златко Крамариќ и професорот и писател Венко Андоновски.
Делови од творештвото на Матош ќе интерпретира актерот Томе Витанов.
Водечкиот автор на хрватската Модерна, писателскиот монумент на хрватската книжевност Антун Густав Матош е роден на 13 јуни 1873 година во сремското село Товарник. Во втората година од животот со семејството се сели во Загреб. Таму учи во загрепската голема Горноградска гимназија и се запишува во Музичкото училиште, каде изучува виолончело. Потоа се запишува да студира на Воениот ветеринарен факултет во Виена, но факултетот не го завршува, бидејќи поради неположени испити ја губи стипендијата и мора да го напушти факултетот. Во 1893 година оди во војска, но веќе следната година дезертира и од Хрватска бега во Србија. Во 1898 година преку Виена, Минхен и Женева, Антун Густав Матош стигнува во Париз и таму останува пет години. Во Париз тој работи како новинар и остварува многу контакти во тогашните книжевни кругови. Во 1908 година е помилуван и се враќа во Хрватска. Антун Густав Матош умира од карцином на грлото на 17 март 1914 година.
Зад себе оставил дваесеттина книги. Многу наслови од епохалното дело на Матош не биле отпечатени за време на неговиот живот. Пишувал раскази, песни, фељтони, патеписи, критики и бил полемичар. Првпат се јавува во литературата во 1892 година со објавување на расказот Моќта на совеста. Својата прва книга Иверки – скици и слики ја објавува во 1899 година, а во 1890 година ја објавува втората книга раскази Нови иверки. Потоа следуват книгите Огледи – студии и импресии, Видици и патишта – есеи и импресии, Изморени приказни, Нашите луѓе и краеви – портрети и пејсажи, и Печалба…. Првата песна, сонетот Утеха на косата, Матош ја објавува во 1906 година, а неговата единствена книга позија Песни постхумно му е објавена во 1923 година, иако Матош својата поезија ја подготвил за објавување во 1911 година. Во 1973 година во Загреб се објавуваат собраните дела на Антун Густав Матош во дваесет томови.