Во Домот на културата „Илинден“ е отворена копаничарска изложба по повод одбележувањето на националниот празник на македонскиот народ и Денот на Општината „Илинден 2-ри Август“, а со цел на зачувувањето и негувањето на традицијата и традиционалните вредности.
Изложбата, ја отвори градоначалникот Жика Стојановски кој истакна дека определба на локалната самоуправа е и во иднина преку збогатувањето на културните настани и објекти да ги чува и негува историската, културна и фолклорна традиција.
За значењето на изложбата и воопшто за копаничарството чиј извор и центар е токму Македонија, на присутните им се обрати Димче Бунтевски, маркетинг менаџер на Здружението на копаничарите на Македонија.
Со отворањето на изложбата љубителите на оваа уметност, карактеристична за македонското поднебје, имаат ретка можност да видат 22 копаници, или како што често се нарекуваат резби, дела на деветмина истакнати копаничари од нашата земја: Славе Кочовски, Злате Крстески, Никола Прчков, Тоде Вељановски, Драган Зелениковски, Борис Попев, Горан Алкушовски, Верица Ставревска и Драги Ѓуровски.
Изложбата што Општина Илинден ја организира во соработка со Здружението на копаничарите на Македонија ќе биде отворена до 29 јули.