Радост моја, Христос воскресе“ е наслов на Велигденската концертна турнеја на Марјан Јанкоски и неговите колеги и соработници, а која започнува вечер (9 мај, четврток) во 20:00 часот во Безистенот во Штип.
Турнејата ќе се одвива во следниот период ширум градовите на нашата земја (Штип, Велес, Прилеп, Охрид и др.)
Како главен координатор и автор на целосната музичка програма за овие концерти, а чија тема е Најрадосната вест на сите времиња за православните христијани – Христовото воскресение се јавува нашиот изведувач на народни инструменти, автор на музика и професор по народни инструменти на Факултетот за музичка уметност во Штип – Марјан Јанкоски.
Програмската содржина на музичкиот дел е насочена кон личноста на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, каде за тема се одбрани всушност најрадосните моменти од Неговиот живот на земјата (според евенгелските податоци), почнувајќи од самото Негово раѓање па се до Неговото Воскресение.
Во музичкиот дел љубителите ќе може да слушнат обработки на познати византиски напеви како и авторски композиции на Јанкоски кои премиерно ќе бидат изведени на овие концерти. Меѓудругото, овој проект на Јанкоски со себе ќе донесе и музички новитети кои што подетално ќе бидат претставени на концертите.
На овие концерти, покрај Марјан Јанкоски ќе учествуваат и Раде Рогожаров (актер, рецитатор); музичкиот состав „Портал“; Ангеле Михајловски (пијано), Сашко Петрев (тамбура), Стојанче Наумовски (виолончело), Елена Владимирова (псалт, виолина), класата за народни инструменти при Факултетот за музичка уметност од Штип.