Вечерва (вторник, 5 декември) во 20:00 часот во Македонската опера и балет ќе биде одржан концертот „Македонија секаде и секогаш“.
Поднасловот на гала-концертот е „Уметниците со љубов за името“ а го организираат група ентузијасти. Членови на иницијативниот одбор се: поетот Ефтим Клетников, оперскиот пејач Борис Трајанов, композиторот Стојан Стојков, диригентот Запро Запров, обоистот Васил Атанасов и амбасадорот Ристо Никовски.
На концертот ќе учествуваат Ансамблот на народни песни и игри „Танец“, Скопскиот дувачки квинтет, групата „Баклава“, оперските пејачи Славица Петровска-Галиќ и Марјан Николовски, поп-пејачите Ристо Самарџиев, Адријана Јаневска и групата „Некст тајм“, како и Басја Арифовска на народни инструменти.
Инаку, сите учесници на концертот настапуваат бесплатно, како што велат, со љубов за сопствената земја.
Билетите се по симболични 100 денари, а приходот ќе биде наменет за хумантирани цели.