Концерт на солистите од Државната филхармонија на Свердловск

Денеска (4 април, петок) во 20:00 часот во Музејот на град Скопје концерт ќе одржат солистите на ансамблот за современа музика при Државната филхармонија од Свердловск, Русија. Концертот е во рамките на Деновите на македонска музика 2014.

solisti_svedorlesk

На концертот ќе изведат дела од македонските композитори Гоце Коларовски, Дарија Андовска и Бојана Петровиќ, но и дела од руските композитори Викторова и Пилутиков.

Леонид Орлов (прва виолина) е роден во Екатеринбург, Русија. Виолина почнал да свири на 5 годишна возраст. Студирал на Специјалниот музички колеџ и Државниот конзерваториум на Урал. За време на своите студии три пати по ред бил добитник на Државна стипендија од украинската влада. Завршил тригодишни постдипломски студии на одделот за камерна музика, на истиот конзерваториум. Во 2004 година, станал Лауреат на Националниот натпревар за камерна музика во Краснојарск, Русија, а во 2005 година ја добива првата награда Интернационалниот натпревар по камерна музика во Киев, Украина. Седум години работел како виолинист во Младинскиот симфониски оркестар при Филхармониското друштво во Екатеринбург. Учествувал во различни музички проекти во Русија и Европа.

Олга Федотјева (втора виолина) е родена во Екатеринбург. Студирала на Специјалниот музички колеџ и Државниот конзерваториум на Урал. Во 2004 година станала лауреат на Националниот натпревар наречен по М. Ростропович во Оренбург, Русија, а во 2009 година добила награда на Интернационалниот натпревар по камерна музика во Киев, Украина. Седум години работела како виолинист во Младинскиот симфониски оркестар на Урал при Филхармониското друштво во Екатеринбург. Веќе три години работи како професор по музика на Специјалниот музички колеџ.

Роман Мојсеев (виола) е роден во Свердловскиот регион. Студирал на Специјалниот музички колеџ и Државниот конзерваториум на Урал. Во 2013 година станал лауреат на Интернационалниот натпревар. Седум години работи како виолинист во Младинскиот симфониски оркестар на Урал при Филхармониското друштво во Екатеринбург.

Наталиа Окуренко (виолончело) е родена во Свердловскиот регион. Дипломира на Специјалниот музички колеџ и Државниот конзерваториум на Урал. Во 2004 година посетувала постдипломски студии на одделот за камерна музика на истиот конзерваториум. Седум години работела како водич на виолончелата на Театарската оперета во градот Новоуралск, Русија. Веќе 12 години работи како втор концерт-мајстор на Уралскиот филхармониски оркестар при Филхармониското друштво во Екатеринбург. Окуренко е лауреат на повеќе Интернационални натпревари.

You May Also Like