Конференција за лица кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост

Денеска (сабота, 29 септември, 2012) од 10:00 до 15:00 часот во Хотел „Порта“ општина Аеродорм, Македонската платформа против сиромаштија (МППС), во соработка со Институтот за човекови права Лудвиг Болцман од Скопје, ќе ја одржи Втората конференција за лица кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост.

Целта на оваа конференција e МППС да го привлече вниманието на јавноста за тешките услови во кои живеат и проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Република Македонија, а воедно на самата конференција ќе се ревидира и дополни првата Декларација на лицата кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост, која беше подготвена за време на Првата конференција која ја организираше МППС и лично доставена до Министерството за труд и социјална политика.

Специфичните барања во самата Декларација беа насочени кон спроведување на усвоените национални стратегии на координативен и ефикасен начин, обезбедување на подобри и подостоинствени услови за живот на лицата кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост, превземање на одлучни чекори во реформирањето на националните политики и законодавството кои само ги зголемуваат постоечките предизвици со кои се соочуваат ранливите и маргинализирани социјални групи, како и следење на модулот на ЕУ за користење на благодетите кои ги нуди едно социјално инклузивно општество.

Исто така би сакале да ве информираме дека МППС во соработка со Уличните уметници во рамки на конференцијата ќе организира и хуманитарен јавен настан под мотото „Од сиромашни за сиромашни“ со почеток од 18:00 до 22:00 часот на плоштад Македонија пред ресторан Пелистер.
Средствата кои ќе бидат обезбедени од овој хуманитарен настан ќе бидат наменети за јакнење на капацитетите за развивање на продажни и комуникациски вештини на лицата од маргинализираните групи, а воедно се и продавачи на уличниот магазин „Лице в лице“, кој е дел од регионалната платформа „Лице в лице“ и Центар за медиумски активности (ЦМА), озбедувајќи им на тој начин подобар и поквалитетен живот на оваа категорија на граѓани.

You May Also Like