Културните настани во Скопје во последно време се се’ побројни. Постојано со нови проекти, креативни настани, саеми и што ли уште не. Улицата и плоштадот Македонија блескаа со колони народ, почнувајќи од 8 ми септември, па успехот на нашите кошаркари, фестивалот за мед, а не смееме да ја изоставиме и Старата скопска чаршија.
Ноќниот живот почна да се преселува токму низ локалите на овие калдрмни улици, каде што шмекот никогаш не се губи. Треба да знаете да ја вкусите убавината на ова местенце кое нуди толку пријатна атмосфера каде и да влезете, кафулињата постојано имаат некаква интересна програма, а и прошетката преку ден низ чаршија не е на одмет, дуќани со различни производи, можете да си купите нешто, а предлог и задача од нас е да го фотографирате оној дел од чаршијата кој најмногу ви остава впечаток. Има илјадници автентични места кои би можеле да се претворат во фантастична фотографија.
Скопскиот огранок на здружението “Мустафа Кемал Ататурк” , кој е под раководство на Николина Василевска, организира проект под наслов “Изложба на фотографии од Стара скопска чаршија”.
Услов за учество :
– Еден апликант не смее да учествува со повеќе од една фотографија;
– На фотографиите треба да бидат застапени само објекти но не и лица;
– Заинтересираните да се обратат на E- mail nikolinakaja@hotmail.com;
Овој проект е од хуманитарен карактер, така што собраните средства од изложбата ќе бидат донирани за Домот за деца без родители „11 Октомври“ – Скопје.
Фотографиите треба да бидат обезбедени после две недели од објавувањето на конкурсот ( 13. 10. 2011) .
Истите ќе бидат поставени во просториите на “Галерија 8”, која се наоѓа во Безистенот – Стара скопска чаршија.
Изложбата има за цел да ги истакне убавините на Старата скопска чаршија, од почетокот на нејзиното функционирање како центар на градското скопско живеење до денешен ден.
Почитувани читатели на www.cooltura.mk апаратите на врат и право на кај Чаршија, конкурсот се затвора на 27 ми овој месец.
Александра Овчарска