„Конкеринг Лајон“ на европска турнеја

„Конкеринг Лајон“ (Conquering Lion) со два концерти во Словачка ја започнува пролетната европска турнеја на која групата го промовира својот последен албум „Revelation“ кој се појави минатата година во издание на Пасворд продакшн и Егзит лејбл.

conquering_lion_evropska_turneja

По минатогодишните настапи на повеќе фестивали во регионот, отворањето за големиот Ману Чао пред преполното скопско лизгалиште, настапот во рамките на „офф-Таксират“ вечерта насловена „Од Вардар до Триглав“, бендот оваа пролет ќе отсвири концерти низ повеќе европски држави како Чешка, Словачка, Полска, Германија, Холандија, Словенија итн. Од Словачка, веќе утре групата го продолжува концертното патување кон Чешка, а сите датуми од пролетната европска турнеја на „Конкеринг Лајон“ можат да се најдат на страницата на „Пасворд Продакшн“ како и на официјалниот сајт на бендот (www.conquering-lion.org).

Тетовскиот состав „Конкеринг Лајон“, од објавувањето на првиот албум „I” во 2009 па до сега, се наметна како еден од најперспективните бендови кај нас, кој остварува огромен раст во секој аспект од својот музички ангажман. Заедно со „Know Your Wisdom” од 2011 година и последниот „Revelation“ од 2013, кој беше најавен со синглот „Wicked Man“, бендот зад себе има три студиски остварувања. Нивните концертни активности се веќе на завидно ниво со неколку европски турнеи зад себе, но и со настапи на значајните фестивали како „Спирит оф Бургас“ – Бургас, „Таксират“ и „ПИН конференција“ – Скопје, „Докуфест“ – Призрен, „НГОМ Фест“ – Призрен, „Тренчтаун“ – Суботица, „Аква Парк фестивал“ – Пробиштип, како и реномираниот „ИНмјузик фестивал“ во Загреб каде што настапија покрај ѕвезди како „Арктик Манкис“, „Иги Анд Д Стуџис“, „Бејсмент Џекс“ и „Блок Парти“ меѓу останатите. Досега имаат настапувано со големи реге имиња како што се „Џентлмен“, Рас Закари, Доналд Минот, Хорнсмен Којоти и други. За овој бенд важи дека на секој настап умее загарантирано да донесе добра енергија и ритам за вистинско концертно уживање.

You May Also Like