Комеморации во Мексико и Колумбија по повод смрта на Габриел Гарсија Маркез

Во Мексико, каде што живееше и почина нобеловецот Габриел Гарсија Маркез и Колумбија, каде што е роден, денеска одржуваат комеморации за еден од најголемите писатели на шпански јазик …

komemoracija markez

Маркез почина во четвртокот во Мексико, каде живееше неколку децении, на 87 годишна возраст. Тој е веќе кремиран на една приватна семејна церемонија.

На главната комеморација, што ќе се одржи во Паласио де Белас Артес во Мексико Сити ќе присуствуваат мексиканскиот претседател Енрике Пена Нието и претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос. Тие двајцата ќе бидат и во погребната поворка што ќе се движи од куќата во која живееше Маркез до Палатата каде ќе му се одаде последна почит.

Во исто време, жителите и локалните власти на родното место на Маркез, Аракатака во Колумбија, кое беше инспирација за градот Маконда, каде се случуваат настаните во неговиот најпознат роман „Сто години самотија„ ќе одржат своја, посебна комеморација и ќе организираат симболичен погреб на починатиот автор.

Владата во Богота за денеска закажа службена комеморација во најголемата катедрала во колумбискиот главен град по повод смрта на Маркез. Претходно, колумбиската Влада прогласи тридневна жалост во земјата, што во домашната јавност беше примено со одобрување, иако постои разочараност што главната комеморација се одржува во странство.

Мексиканските медиуми пишуваат дека постои согласност меѓу двете земји пепелта од кремираниот Маркез да биде поделена меѓу Мексико и Колумбија, за да се избегнат дипломатските недоразбирања околу тоа каде ќе се чува урната, но неговото семејство се уште не се изјаснува дали се согласува со тоа.

Габриел Гарсија Маркез побегна од Колумбија во 1981 година, откако дозна дека тогашните воени власти го бараат за да го сослушуваат за неговата поврзаност со левичарската герила во земјата.

Тој никогаш не ја криеше својата левичарска определност, својот антиимперијализам, недовербата кон САД и пријателството со Фидел Кастро. Најголеми контроверзи предизвикуваше неговата блискост со кубанскиот лидер, дури и тогаш кога тој ги прогонуваше и ги апсеше кубанските дисиденти, меѓу кои и извесен број писатели и поети.

Во латиноамериканската и во западната јавност Маркез беше обвинуван за хипокризија, затоа што молчи за гушењето на демократските и човечките права на Кубанците, а особено што наместо да ги осуди таквите постапки, како што тоа обично го правеше, тој присуствува како гостин на конгресите на Комунистичката партија на Куба.

Кастро му нудеше на својот пријател да се насели во Хавана, но колумбискиот писател го одбра Мексико за својата нова татковина.

Во своја одбрана, Маркез објаснуваше дека пишувајќи не може да ги сокрие своите идеолошки и политички убедувања, кои на тој начин се пренесуваат на читателите, но инсистираше дека зборовите на писателите не се убиствено оружје.

You May Also Like