Народниот театар – Битола денеска ги претстави режисерот, драматургот и актерите кои ја подготвија претставата „Без паника“ чија премира ќе биде изведена в петок на т.н. ротациска сцена на битолскиот театар.

Станува збор за комедија посветена на периодот од деведесеттите години од минатиот век, проблемите на мажите и што општеството очекува од мажот, посочи Благој Мицевски кој се потпишува како режисер во оваа претстава.
– Темата е дел од финската современа драматургија која сакавме да ја доближиме до нашите проблеми во општеството. Тоа е современ текст на Мика Мулуахо и е дел од една трилогија пишувана во 2005 година. „Паника“ е првиот дел кој е посветен на мажите во општеството, вториот дел се вика „Хаос“ и се занимава со жените во општеството, а третиот дел се вика „Хармонија“ и го сочинуваат неколку брачни двојки, појасни Мицевски.
Во „Без паника“ ќе настапат актерите Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски и Александар Копања. Драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Драган Анѓелковиќ.
На денешниот прес во НУ Народен театар – Битола беше истакнато дека во театарот почна подготовката на две нови театарски претстави, едната со режисерката Мариолеин Биренс од Холандија, а другата ќе ја подготвува режисерот Диего Дебреја од Словенија.