Колекција есен-зима 2011/12 „Астибо ерлајнс винтер џет“ слета на модната писта

За дамите кои  знаат што е  елеганција, за вистинските дами кои секогаш сакаат да изгледаат “скоцкано”, за оние господа за кои стилот е во движењето, за сите кои уживаат во она што го носат на себe, беше претставена новата колекција на  брендот “Астибо”.

По претставувањето  на колекцијата пролет/лето, дизајнерите Наташа и Наталија Коцеви , повторно ги оставија без здив нивните клиенти . Овој пат инспирацијата ја црпат од модата по аеродромите, елеганцијата на стјуардесите и луѓето од деловниот свет кои и кога патуваат треба да изгледаат префинето.

Едноставни линии, лесни материјали, кроеви кои ги истакнуваат женските облини, но се тоа така пристојно склопено, во парчиња облека кои  едноставно сакате да се најдат во вашиот плакар. “Астибо” ни претстави вистинска елеганција од пантолони и здолништа со едноставен пад и прави линии, еднобојни кошули, лесни за комбинирање, комплети со едноставни и препознатливи дезени, а сепак правилно и оригинално вменати во  новата “Астибо”- варијанта.

Капутите , како за жени, така и за мажи се за оние со префинет вкус до перфекција. Блејзери, сакоа, капути, сето тоа од природни, органски материјали како памук, лен, свила, а од одредени модели забележавме,  “Астибо” диктира дека и оваа есен/зима крзното ќе биде неизоставен дел.

Просториите на МОБ, каде што се одржа оваа минута и неколку секунда ревија, беа опремени така добро така што се почувствував како да се наоѓам на аеродром, а верувам и останатите посетители. Стјуардесите, пилотите  и нормално музиката во позадина за која беше задолжена Илина Ангеловска, го зачинија претставувањето на новите креации на оваа компанија. Моделите од модното студио “Црнокрак” ги носеа креациите, а на пистата се појави и познатата водителка Мелита. Ревијата ја затвори пеачката Ребека облечена во “Астибо” .

Модниот бренд  Астибо, односно модната куќа „Беас С“, постои 44 успешни години, распространета ширум светот  со своите оригинални креации и удобни модели како за жени така и за мажи, претставува огромна гордост за Македонија.

Александра Овчарска

You May Also Like