Лидија Димковска на 24-тата издание на Деновите на македонската поезија во Шведска …
Дваесет и четвртото издание на традиционалната културна манифестација „Денови на македонската поезија“ во Шведска вчера и денеска се одржа во Македонското друштво „Гоце Делчев“ и во новоустановениот Дом на литературата во Гетеборг, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
– Годинава се појавивме и во нов простор, во Домот на литература во Гетеборг, кој доби значајна улога во напорите за популаризација на поезијата и литературата на подрачјето на Западна Шведска, вели поетот и секретар на Македонскиот сојуз во Шведска, Ивица Челиковиќ.
Како гостинка на годинашните Денови на македонската поезија учествуваше македонската поетеса, прозаист и преведувач Лидија Димковска, а нејзини стихови во препев на шведски ги интерпретираше шведскиот поет Кенет Клеметс.
Од пред неколку години во составот на Сојузот на македонските друштва и клубови во Шведска функционира и поетското друштво „Дениција“, кое се грижи за програмските подготовки на манифестацијата.
За одбележување е и фактот дека станува збор за единствена културна манифестација од ваков вид, востановена во 1988 година, која секоја година се одвива во редовите на македонската дијаспора во Западна Европа.
Во рамки на програмата настапија петнаесетина поети, од кои многумина се претставија со нови поетски збирки.