Двајца исклучителни изведувачи на денешната програма на „Охридско лето“. Фестивалската програма секогаш и‘ нуди на публиката одлична можност да ги запознае „во живо“ големите музичари од различни земји.
„Со врвните и незаборавни концерти на светски познатите пијанисти Елизавета Леонскаја, Аркадиј Володос и Максим Мрвица, се потврди дека 54тото издание на Охридско Лето ќе биде запаметено по учеството на оваа пијанистичка елита. Сега следи претставувањето на овогодинешните „виолинистички ѕвезди“ кои ќе бидат дел од ова фестивалско издание. За прв пат на фестивалот, а и во Македонија, ќе настапи „Кинескиот Паганини“ кој со својата безпрекорна виртуозност, но и со изразена лирика и емотивност во својата изведба ќе приреди несекојдневен концерт. Овој врвен уметник свири на виолина „Страдивари“ од 1721 година. Нинг Фенг кој е добитник на Првата награда на Интернационалниот натпревар „Паганини“ во 2006 година, ќе настапи заедно со пијанистот од Германија Томас Хопе“ – изјавува музичкиот селектор на Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.
Редовно настапувајќи во својата родна земја – Кина, но и низ целиот свет, Нинг Фенг добива репутација на уметник со изразена лирика и емотивност во својата изведба. Соработувал со голем број оркестри, меѓу кои – Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Рускиот државен симфониски оркестар, Стразбуршката филхармонија, под диригентската палка на реномирани музичари како Иван Фишер, Владимир Јуровски и други. Покрај солистичката активност, Нинг Фенг учествува и во камерни состави.
Имено, тој е член на „Драгон квартет“, основан во 2012 година во Кина, како и дел од пијано-триото, заедно со Игор Левит и Себастијан Клингер. Добитник е на повеќе награди на интернационални натпревари низ целиот свет (Прва награда на Интернационалниот натпревар по виолина „Мајкл Хил“ во Нов Зеланд во 2005 година, Прва награда на Интернационалниот натпревар „Паганини“ во 2006 година и други).
Германскиот пијанист пак, Томас Хопе е пијанист-соработник со висока репутација стекната преку изведбите на концертните програми со реномираните уметници од калибарот на Ицхак Перлман, Џошуа Бел, Антје Вајтхаас, Стефан Миленковиќ, Албан Герхард, Франс Хелмерсон во салите како „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Концертгебау“ во Амстердам, „Вигмор Хол“ во Лондон, „Цуда“ и „Оји Хол“ во Токио, Берлинската филхармонија и други.
Покрај концертната дејност, Томас Хопе беше пијано-соработник во виолинистичките класи на Ицхак Перлман и Дороти Дилеј, постојано ги придружува пејачите во водечките оперски куќи и познатата школа „Џулијард“ и е официјален пијано-соработник на значајните меѓународни натпревари. Значајни се и неговите мајсторски курсеви за пијано-соработка и камерна музика кои ги одржува во Германија, Бугарија, Јапонија, Чиле, САД и други земји.
Концертот е денес со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“.