Aрхитекти, историчари на уметноста, градежни инженери, конзерватори и сликари конзерватори од Македонија, Грција, Словенија, Србија и Косово денеска во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ дискутираат за „Усогласување на националната легислатива од областа на заштитата на културното наследство со европските прописи“.
Организатор на регионалниот симпозиум е Националниот комитет – ИКОМОС Македонија кој денес се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ на тема „Усогласување на националната легислатива од областа на заштитата на културното наследство со европските прописи“.
Лазар Шуманов, претседател на ИКОМОС Македонија информира дека постојат европски прописи и оти идејата е да се запознае македонската и регионална јавност, како да ги примени и аплицира во националната регулатива.
Професорот Серџо Лагомарзино од Универзитетот од Џенова смета дека постојат одредени оштетувања на античките градби, особено од земјотреси и сеизмички појави.
– Честопати решението и мерките за нивна заштита се доста едноставни. Убеден сум дека се прават позитивни чекори во оваа насока, рече Лагомарзино.
Вероника Шендова од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) истакна дека работат во областа на културно наследство бидејќи, како што рече, Македонија изобилува со богато и вредно културно наследство.
– Се наоаѓаме и во еден од најсеизмичките активни региони во Европа. Покрај грижата за сеизмичката стабилност на новопроектираните градби, многу е важно да имаме чувство дека и оние што се тука од многу одамна и се сведоци на минатото, треба да бидат безбедни, рече Шендова.
Во нашата држава, како што нагласи, постои фела која е свесна дека земјотреси можат да се случат. – Имаме и прописи за тоа, кога зборуваме за новите градби, кои се почитуваат. Од неодамна имаме и измена во Законот за градење. Проектите доаѓаат на проверка и во нашиот Институт за да се обезбеди таа сеизмичка безбедност во иднината, рече Шендова.
Секогаш, додаде таа, се спротивставуваме на тоа да постои стриктен пропис за културно-историски споменици, бидејќи тоа би значело усогласување на законите по кои тие се граделе од минатото. Тоа, според Шендова, значи негација на споменикот и затоа препорачува дека треба да има водичи, но и оти се потребни финансии за да се набави нова опрема.
Симпозиумот е програмска активност на Националниот комитет, и е целосно финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Националниот комитет – ИКОМОС Македонија годинава одбележува 20 години од формирањето.