Интернационален детски музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” во Битола

Таленти од 16 држави настапуваат во Битола на Интернационалниот музички фестивал “ТРА ЛА ЛА” кој се одржува по 15-ти пат …

Tra la la Plakat festival 2014

Битола од 13 до 16 август ќе биде домаќин на 15-тото издание на Интернационалниот детски музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” на кој учестуваат 40 млади музички таленти од 16 држави во светот. Покрај учесниците од Македонија, на фестивалот ќе настапат деца солисти и делегации од Португалија, Русија, Малта, Ерменија, Украина, Словенија, Романија, Полска, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Србија, Албанија и Косово.

Фестивалот ќе се одвива во три натпреварувачки дела во Народниот театар и Центарот за култура во Битола. За сите љубители на детската песна е предвиден слободен влез со почеток во 17 часот во Народниот театар на првиот натпреварувачки ден, 13 август, кога учесниците ќе настапуваат со композиции на мајчин јазик и на 14 август, кога ќе изведуваат позната поп песна на јазик по избор. Гала концерт со победничките композиции, како и со популарни гости и звезди од македонската естрада и учество на културно – уметнички друштва ќе се одржи на 16 август во Големата сала при Центарот за култура во Битола, кога ќе бидат доделени и наградите на фестивалот.

Фестивалот е успешен промотор на Македонија и македонската култура ширум светот бидејќи досега фестивалот “ТРА ЛА ЛА” е претставник на Република Македонија на голем број меѓународни фестивали и арт-манифестации, на кои се освоени голем број на награди, и тоа на “Еуростарс” во Малта, на “Орошке звездице” во Словенија, на “Док тече Лашва” во Босна и Херцеговина, на ”Златна рибка” во Бугарија, на “Сан Ремо –јуниор” и “Сан Ремо” во Италија, на “Славјански Базар” во Белорусија, на “Златни микрофон” во Хрватска, на “Орфеј” во Венеција, на “Златини дани” во Србија, на “Шанс” во Данска, на “Ти амо” во Романија, на “Катјуша” во Русија, на “Бледски микрофон” во Словенија, на “Најсветла звезда” во Турција, на “Кукуричек” во Хрватска и други фестивали и детски манифестации ширум светот.

Фестивалот “ТРА-ЛА-ЛА” е дел од битолско културно лето Битфест со поддршка на општина Битола и градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.

За време на фестивалските денови, покрај музичкиот дел, предвидено е децата од странство да се запознаат со убавините и културата на Македонија заради што за сите деца учесници ќе бидат организирани посети на Охрид и Свети Наум, Пелистер, античкиот локалитет Хераклеја и други места значајни за македонската култура и историја.

You May Also Like