Иницијатива за соработка помеѓу библиотеките во Битола и Стразбург

На 3 мај 2013 година НУУБ „Свети Климент Охридски“ оствари иницијална посета на Националната и универзитетска библиотека во Стразбург, Франција. Целта на посетата беше да се воспостават првичните контакти и да се согледа можност за соработка со НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола како дел од процесот на Европска интеграција на Македонија и вклучување во современите текови на библиотекарството преку партнерства, вмрежување и соработка.

Во разговорот со заменик директорот Кристоф Дидиер, беше истакнато взаемното задоволство од иницијативата за соработка. Господинот Дидиер истакна дека  веќе соработуваат со  различни библиотеки во рамките на Европската Унија и дека ова е одлична можност соработката да се прошири и со земји од Југоисточна Европа во кои спаѓа и Република Македонија.  Соработката е особено важна со оглед на кандидатскиот статус на Република Македонија за членство во Европската Унија што значи дека и библиотеките треба да се интегрираат во европското семејство, а комуникацијата помеѓу институциите и професионалците кои работат во нив е од особено значење.

Според Фатма Бајрам Аземовска, вработена во НУУБ „Свети Климент Охридски“ – Битола, соработката со европските библиотеки е важна во генерирањето на иновативни идеи за местотои улогата на библиотеките во современиот и брз развој на општеството како и дефинирањето на европскиот идентитет на библиотеките.

Господинот Дидиер искажа благодарност за подарокот од страна на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола со желба што поскоро да се официјализира на институционално ниво соработката помеѓу двете библиотеки. НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола доби и официјална покана да присуствува на свеченото отворање на комплетно реновираниот објект на библиотеката во Стразбург кон крајот на 2014 година.

Со ова библиотеката во Стразбург ќе биде една од најсовремено опремените во Европа со инсталирана врвна технологија за заштита на богатото културно наследство и книжевен фонд.

You May Also Like