Иницијатива за изградба на кампинг во потпелистерското село Маловиште е прифатена од страна на советот на општина Битола…
Советот на општина Битола ја прифати иницијативата на ЈУ Национален парк „Пелистер“ за изградба на информативна точка, кампинг што ќе биде лоциран во месноста викана „Св.Ѓорге“ во непосредна близина на истоимениот манастир во потпелистерското село Маловишта.
Со усвојувањето на локалната урбанистичка планска документација (ЛУПД) создадени се услови да продолжат акивностите содржани во акцискиот план за развој на националниот парк и обезбедување нови форми за сместување во периодот до 2016 година, потврдуваат од ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола.
– Акцискиот план е поддржан од Владата на Република Македонија, а сега и од локалната самоуправа. Кај местото викано „Св.Ѓорге“, според истоимениот манастир што се наоѓа во непосредна близина, ќе се гради кампинг во етно стил, со 10 бунгалови во кои ќе може да се сместат 25-30 посетители. Вкупната инвестиција ќе чини околу 300.000 евра, а изградбата на бунгаловите, настрешница, санитарен јазол, ресторан и други содржини ќе се вршат врз принципот на јавно-приватно партнерство, информираат од ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола.
Потпелистерското село Маловишта е единственото село кое се наоѓа во просторот на националниот парк „Пелистер“, оддалечено 4 километри од регионалениот патен правец Битола-Охрид и на исклучително живописна локација во кое се наоѓаат црквите „Св.Петка“ со постојаната изложба на икони и „Св.Ана“ со конаците.
-Во селото за жал во моментов живеат околу осумдесеттина лица, но тоа и понатаму е вистински магнет за туристите, љубителите на планинскиот и манастирскиот туризам, рекреативци кои го „освојуваат“ Пелистер и други посетители. Проектот е економски оправдан и се очекува негова практична реализација, се наведува во акцискиот план за обезбедување на нови форми за сместување во Националниот парк „Пелистер“-Битола.