„Илинденски денови“ завршува со интернационална вечер и концерт на Драган Даутовски …
Со интернационална вечер и концерт на Драган Даутовски квартет во античкиот театар на Херкалеа Линкестис завршува фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. Ансамблот „Кумагаја“ од Јапонија и „Де Мерсе Хоперс“ од Холандија се само некои од гостите на интернационалната вечер.
„Кумагаја“ го предводи битолчанката Марина Саито.
– Во Јапонија длабоко се почитуваат македонската култура, фолклор и традиција. Ќе се изненадите колку е голема бројката на фолклорни групи што играат македонски ора, а јас лично познавам шест кои се од околината на Токио, посочи Саито во пресрет на завршната вечер.
„Де Мерсе Хоперс“ од Хоофдорп ќе се претстават со оригинални холандски носии и народни танци „Покрај езерото“ мотивирани од местото од каде што доаѓаат, карактеристично по големиот број рибари во тој крај, потврди Ања Бос, волонтерка и координатор на ансамблот.
Како што најави Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола, во чест на наградените, целовечерен концерт во Хераклеа ќе приреди Драган Даутовски кој ќе го промовира новиот албум „Пламен“.
– Даутовски со неговиот квартет е неуморен презентер на македонската музичка култура на многу фестивалски сцени во светот. Не можевме да посакаме подобро и поспектакуларно завршување на годинешниот фестивал. Драган Даутовски, уметник на УНЕСКО, вечер во Хераклеа, воедно ќе го промовира својот најнов албум „Пламен“ и тоа за нас претставува дополнително признание за вредноста и значењето на фестивалот во Битола, рече Димитровски.
Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ секоја година се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија. Годинава учествуваа 30-на културно уметнички друштва и фолклорни групи од државата, Европа, како и од Австралија и Јапонија, чии настапи ги следеше стручно жири. Вечер најдобрите играорци и друштва од 44-то издание на фестивалот ќе бидат наградени.