Изложба „Тајно светилиште“ на Кристина Егуменовска

На 10 септември (понеделник) во Кафе-галерија Осум, ќе биде отворена првата изложба на Кристина Егуменовска со наслов „Тајно светилиште“.

„Тајно светилиште“ содржи дела во формат 18×24см, изработени во комбинирана техника на платно (каширано на картон).

Делата се занимаваат со загатката на „душевниот занает“, ставајќи го под лупа процесот чија нитка припаѓа истовремено на божественото и обичното, единечното и повторливото. Тие ја истражуваат убавината на душевните пејзажи, бидејќи таму понекогаш и времето застанува, а кога се мери, се мери во единици на битки (освоени, загубени, пропуштени, бесконечни, итн.), во единици на преподобна тишина, интензивни мисли, емотивно лизгави тла, противречности, грдост, но најмногу од сè, во единици на убавина.

Третирајќи ја естетиката на тоа невидливо изобилие, преку процес кој формативно е сосема отворен и еднакво важен, за мене рамнината на платното станува мистериозно светилиште – вели за изложбата „Тајно светилиште“ авторката Кристина Егуменовска

You May Also Like