Стотици филмски плакати, десетици филмски списанија, рекламни брошури и флаери со познати филмски наслови се изложени во Богданци во рамките на Богданското културно лето 2014.
Изложбата е поставена во Здружението на пензионерите во Богданци и ќе биде отворена за посетителите до недела.
Станува збор за една несекојдневна поставка, каква што ретко може да се види во земјава. Малата просторија, во која се одржува, е претворена во шарен филмски свет, кој сведочи за историјата на седмата уметноста. Посетителите имаат можност да ги пролистаат изданијата на „Филмски журнал“, „Арена“, „Филмски свет“ издавани во периодот од 1957, па се до средината на 80-тите години на минатиот век.
„ Збирката ја собирав од 1957 години до 1990 година кога се распадна СФРЈ и со неа киноприкажувачката мрежа. Особено сум горд на целата моја колекција, но најдраги ми се филмските плакати од филмот „Сјај во тревата“ со Ворен Бити и Натали Вуд, како и постерот за филмот „Добро утро Виетнам“, со неодамна починатиот актер, Робин Вилијамс“, вели колекционерот Илија Тумбов.
На изложбата се застепени и десетина изданија на „Кинотечен месечник“ од 1977 година, па наваму, како и флаери постари од 50 години, кои дистрибутивните куќи ги користеле за промоција и реклама на филмовите. Станува збор за флаери од повеќе дистрибутивни куќи од цела поранешна Југославија, како: „Македонија филм“ од Скопје, „Весна филм“ од Љубљана, „Кроација филм“ и „Кинематографи“ од Загреб, „Кинема“ од Сараево, „Зета филм“ од Титоград, „Звезда филм “ од Нови Сад, „Косово филм“ од Приштина, „Инекс филм“, „Авала филм“ и „Морава филм“ од Белград.