Изложба на Ацо Таневски во Кавадарци

Денеска (1 март 2013 година, петок), во 19:00 часот во Дом на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, ќе се отвори изложба на Ацо Таневски со наслов „Моите приказни“.

 

Таневски за овој проект користи сопствена игра на чепкање по личните и по семејните доживувања, настани и сеќавања и извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото, создава визуелна  фрагментирана археологија на меморијата.

Анализата на овој проект треба да се перцепира како претопување и присоединување на микронаративите што создаваат нова естетско-концептуална целина – макронаратив со заеднички именител означен од авторот – ” Моите Приказни “. Така се создава нова уметничка ситуација во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните и на интимните приказни што се колку лични, толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот.

Базична цел во „Моите Приказни“ на Ацо Таневски е да се изрази слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување на сопствената историја и на нејзиното естетско визуелно вообличување, како чин на себеспознанието…

You May Also Like