„Иванов“ од Чехов во Битолскиот театар

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола вечер (четврток, 31, јули) премиерно ќе ја изведе претставата „Иванов“ од Антон П. Чехов во режија на гостинот од Русија Александр Баргман.

Maski

Станува збор за четврта по ред премиерна театарска претстава за оваа година, поддржана од Министерството за култура, која ја подготви режисерот Александр Баргман а со кого НУ Народен театар-Битола соработува повеќе од 10 години, посочи Валентин Светозарев, директор на театарот во овој град.

– Баргман прв пат гостуваше во Битола како актер во претстава на режисерот Александар Морфов, а потоа продолживме да соработуваме и во други театарски проекти, за сега да ни понуди едно дело на Чехов во кое нашите актери влегоа со исклучителна љубов при подготовките на оваа премиера. Александр Баргман во моментов е еден од најголемите режисерски мајстори од руската театарска столица Санкт Петербург, истакна Светозарев.

Ivanov chehov 1

Во претставата „Иванов“ ќе настапат Огнен Дранговски, Елена Моше, Митко С.Апостоловски, Борис Чоревски, Јулијана Стефанова, Маја Андоновска Илијевски, Иван Јерчиќ, Кристина Христовска Николова, Марјан Ѓоргиевски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски и Мартин Мирчевски.

– Со Македонија ме поврзуваат многу убави работи како актер, а сега и како режисер. Радосен сум што токму во Битола ја режирам претставата „Иванов“ од за мене прекрасното дело на Чехов и благодарејќи на Чехов откриваме нешто ново. Овој театар е прекрасен театар. Оваа претстава со задоволство освен во Битола ќе ја одиграме и во Ростов на Дон, потврди рускиот режисер Баргман. Преводот на македонски јазик за оваа театарска претстава го направи Димче Биљановски, сценографијата Валентин Светозарев, костимографијата Благој Мицевски, а музиката е на Марјан Нечак.

Ivanov chehov 2

You May Also Like