„Живот во тесни чевли“ – премиера во Драмски oвоj петок

Претставата „Живот во тесни чевли“ од Душан Ковачевиќ, во режија на Ненад Витанов, в петок премиерно ќе биде изведена на сцената на Драмскиот театар во Скопје …

dramski-teatar-skopje

Директорот Роберт Вељановски информира дека ова е еден од поновите текстови на Душан Ковачевиќ, досега двапати поставуван, во Белград и во Истанбул. Во Македонија текстот за првпат ќе биде поставен.

– Оваа претстава говори за еден сегмент од нашето живеење, за група стечајни работници кои во транзицијата ги изгубиле работните места, но не се откажуваат и се обидуваат по секоја цена да се изборат за сопствените права. Има една современа и социјална димензија, рече на денешната прес-конференција, директорот Вељановски.

Режисерот Витанов истакна дека се работи за сите луѓе кои ќе останат на улица, за несигурноста, што значи таа денес и во секое време.

– На крајот се обидуваме да дадеме една морална димензија на целата тема, можеби некаде има правда. Не гледаме скептично на животот, рече Витанов.

Во оваа претстава има седум дебитанти во Драмскиот театар, покрај режисерот Витанов, костимографот Катерина Чукниева, Сашко Костов со музика и студентите од трета година актерска игра на Факултетот за драмски уметности и студентите од Факултетот за театарски уметности при Универзитетот ЕСРА, Миа Кантарџиева, Благица Димитровска, Христијан Поп Симонов и Ненад Ангелковиќ.

Во „Живот во тесни чевли“ играат Драган Спасов-Дац, Марија Кондовска, Ѓокица Лукаревски, Ванчо Петрушевски, Душица Стојановска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков… Претставата овој месец шест пати ќе биде изведена во Драмскиот театар, на 6,7, 11, 15, 21 и 29 март.

Вељановски потенцира дека денеска прославуваат 49-годишен јубилеј на објектот во кој денес е сместен Драмски.

– На денешен ден, пред 49 години на сцената на Драмскиот младински детски театар е отворен овој објект, со претставата „Богомилска балада“ во режија на Тодорка Зафирова Кондовска, а работена според романот „Она што беше небо“ на Владо Малески, рече Вељановски.

You May Also Like