Јубилејното дваесетто издание на Фестивалот “Ристо Шишков” завчера (8 септември, 2012 година) во Струмица беше отворено со претставата “Животот на Молиер” во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје.
Во рамките на фестивалот по „Животот на Молиер“ и актерскиот ансамбл на МНТ предводен од Никола Ристановски, на сцената 112 театарската група од ЕСРА ја одигра претставата “Љубовникот” во режија на Ирена Стеријовска.
Селекторот на МФКТ “Ристо Шишков”, Благоја Стефановски годинава одбра 15 претстави од театри од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Косово, Словенија, Литванија и Англија, а во деновите на Фестивалот, кој трае до 13 септември ќе бидат промовирани и книгите ”Избрани драми“ од Поф.Др. Сашо Насев и “Актерот” од Братислав Ташковски.
Годинава за престижната награда медалјонот „Ристо Шишков“ се натпреваруваат седумдесетина актери во 15 театарски претстави од осум земји. По повод јубилејот 20 години МФКТ ”Ристо Шишков” на платото пред НУЦК ”Антон Панов” беше откриена бистата на бардот на македонското глумиште Ристо Шишков, дело на скулпторот Митко Тошев.
Во холот на Домот на културата беше отворена ретроспективната изложба на триесетина фотографии од фестивалски претстави, а со видео перформанс и театарски костими се претстави костимографот Марија Папучева.