Со меѓународната конференција „Креативни индустрии: теорија преточена во практика“ вчера попладне во првиот дел од Градскиот парк во специјално изградено игло официјално почна првиот фестивал на креативни индустрии „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“.
Преку овој тридневен фестивал Градот Скопје за првпат ќе ја реализира основната идеја – придвижување на капацитетите на културата и на дел од бизнис секторот, во насока на развивање на креативните индустрии и искористувањето на потенцијалите што ги овозможува оваа интердисциплинарна форма.
Градот Скопје, пред две години стана официјален член на мрежата на креативни градови Les Ren Contrast, коишто работат на развивање на секторот на Креативни индустрии.
Носечкото лого на фестивалот го изработи Кристина Георгиевска студентка од Европскиот Универзитет, за што беше наградена со можноста во септември 2012 година, заедно со уште двајца студенти да престојува на неделата за дизајн во Лондон, Велика Британија.
По Конференцијата во рамки на програмата на фестивалот беа одржани два креативни настани: „Тотеми“ – моден перфроманс на Fashnion week Macedonia и Елена Спасовска и „Вечерање за двајца“ – интерактивна маса по идеја и реализација на Зоран Рунчев – Руно и Росица Мршиќ. Забавата во Градскиот парк, на Школка продолжи со сетот на Ди џеј Кинџо.
Фестивалот „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“ е во организација на Град Скопје и Здружението за култура и уметност „Сплунг автори – Театар 007“ и ќе трае до сабота 16-ти јуни.