На Гумење во Крушево синоќа свечено беше отворена манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. На отворањето присуствуваше и претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.
На платото на Гумење до столбот на Крушевската Република од центарот на Крушево пристигнаа коњаницата и делегациите предводени од градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески и од потпретседателот на Манифестацијата Маноил Јаковлевски. Околу 50 коњаници ги поминаа врвиците на славните илинденци.
– Им благодарам на сите учесници и поддржувачи на Илинденскиот марш што беа со нас и помогнаа да стигнеме во Крушево. Мотивот започна уште од далечната 1978 година кога сите на возраст од 21 до 23 години тргнуваа од Горно Лисиче за да го одбележат празникот по патеките на славните илинденци. Го обновивме Илинденскиот марш. Секоја година ни се придружуваат и други коњаници од Свети Николе, од Бигорскиот манастир, од други градови Штип, Гевгелија. Вкупно сме околу 50 коњаници, изјави Гоце Трпкоски, генерален секретар на здружението „Илинденски марш“.
Делегациите на локалната самоуправа, на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република и на коњаниците положија цвеќе на средината во криптата на илинденските востаници, пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, пред споменикот на партизанските гробишта и на гробот на Тоше Проески.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески нагласи дека годинава прославуваме два јубилеја – 111 години од Илинденското востание и 70 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ кое ги сплоти генерациите илинденци во создавањето на македонската држава.
– Слободата не дојде сама, за неа се изборија генерации македонски револуционери и дејци десетлетија пред тоа. Слободата и државноста не ни ги подари никој, неа ја извојувавме ние самите. Првиот Илинден 1903 година е задушен со крв, вториот Илинден 1944 година конечно е крунисан со вековниот сон на македонскиот народ за сопствена држава, рече Дамчески.
Според него, судбоносниот Илинден опстојува зашто иако сме мали можеме да кренеме глава, да пуштиме глас и да избориме свое место под сонцето.
– Со еден збор, Илинден ни е светост, икона, реликвија што докажува дека не има. Тоа е традиција што не обединува, што не задолжува и не испирира. Колку што се поголеми нападите да не снема како народ и држава, толку е поголемо значењето на Илинден како штит, како браник кон сон, рече Дамчески.
За потпретседателот на Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ Маноил Јаковлевски Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република е еден од најсветлите и најсилните манифестации како спомен од херојската борба на македонскиот народ за слобода и независност.
– Илинденското востание беше историски настан без преседан, повик до сите обесправени, без оглед на вера и нација да застанат заедно пред знамето на востанието. Формирањето на Крушевската Република претставува аманет да не заборавиме кои сме и што сме, рече Јаковлевски.
Аманетот на првиот Илинден, нагласи, беше исполнет со вториот Илинден 1944 година.
– Ако во 1903 година на првиот Илинден македонскиот народ во Крушево ја формира првата демократска Република на балканот, ако на вториот Илинден во манастирот „Прохор Пчински“ ги положи темелите на македонската државност, тогаш на 8 септември 1991 година македонскиот народ се стекна со целосна самостојност, независност и сувереност, рече Јаковлевски.
Тој им порача на крушевчани во наредните 10 дена да бидат добри домаќини.
– Пречекајте ги гостите со насмевка, покажете им дека во ова славно Крушево разликите меѓу луѓето не се проблем, туку предност за дружење и хармонија, рече Јаковлевски, прогласувајќи ги Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“ за отворени.
На отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ беше прочитан Манифестот на Републиката, а потоа на столбот на Крушевската Република на Гумење беше издигнат бајракот на Републиката.
На Гумење настапија и Ѓоко Таневски, музичката група „Црешово топче“ и групата „Нова бенд“. Отворањето на Манифестацијата заврши со огномет и со импровизирано пукање од црешовото топче.