Градоначалникот Коце Трајановски, денеска (вторник, 13.03.2012 година) ја пушти во употреба новата ролерско-велосипедска патека на левата страна од кејот на Вардар, што во изминатиов период се градеше на потегот од булеварот „Гоце Делчев“ до булеварот „8 Септември“.
– Новата ролерско-велосипедска патека е долга 3 000 метри, а широка 4,4 метри. На терен беше направен ископ, беше нанесен тампонски слој и беа поставени рабници. Патеката е асфалтирана и обележана. Како дел од градежните работи на новата ролерско-велосипедска патека, по нејзината должина е изграден и потпорен ѕид на делот каде што не е регулирано коритото на Вардар. Ѕидот е долг 80 метри, со променлива висина од 0 до 4 метри во зависност од конфигурацијата на теренот – рече денеска градоначалникот Трајановски.
За бележење на хоризонталната сигнализација на патеката беа задолжени работниците на ЈП „Улици и патишта“, а околното зеленило го уредија екипи на ЈП „Паркови и зеленило“.
– Градот Скопје целосно ја заврши ролерско-велосипедската патека на кејот на реката Вардар од десната страна и таа наиде на многу позитивен одѕив кај граѓаните коишто ја користат за рекреација. Како што ветивме, минатата година Градот Скопје ја изгради ролерската патека на кејот на Вардар и од левата страна, од Камени мост до мостот „Близнак“ – нагласи градоначалникот Трајановски.