На прес конференцијата по повод завршниот музички дел на 51-то издание на овогодинешното издание на Охридско лето, на јавноста се обрати музичкиот директор на манифестацијата проф. Гордана Јосифова – Неделковска. Ви го презентираме во целост нејзиното обраќање пред новинарите:
Од она што во изминативе четириесет денови можеше да се проследи во медиумите, но и од споделеното задоволство на публиката по завршувањето на секој концерт, можеме сосема да бидеме задоволни од тоа што досега беше реализирано. Бурната реакција
на публиката, благодарноста и радоста на нивните лица, долгите стоечки овации беа одлика на секој завршен концерт. На таквата реакција, уметниците се оддолжуваа со голема воодушевеност и со најмалку три биса, што не прави задоволни и горди од
сработеното. Она што посебно ми значи, од стручна гледна точка, е високата оценка на странските уметници, гости на фестивалот, кои севкупната фестивалска програма ја вреднуваат како светско собиралиште на врвни уметници, и тоа само во едно фестивалско издание.
Како креатор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, особено горда ме прави сознанието дека со секој изминат концерт, според изјавите на стручната критика, но и на многубројната фестивалска публика, се потврдува не само дека ова издание е врвно и незаборавно, туку и дека оваа година фестивалот ја понуди најдобрата уметничка програма од сите досегашни изданија.
Вкупно 25 музички настани беа проследени од, до сега, рекорден број посетители. На добро познатите сцени низ Охрид продефилираа уметници и ансамбли од САД, Јапонија, Италија, Шпанија, Германија, Франција, Велика Британија, Естонија, Полска, Русија, Србија, Црна Гора, Албанија и, се разбира, Македонија.
Она по што ќе биде запаметено 51-вото фестивалско издание е секако свеченото отворање за кое критиката и медиумите изјавија дека беше спектакл во чекор со современите трендови кој го маѓепса Античкиот театар во Охрид. Тука секако би го издвоила и долгоочекуваниот концерт на шармантниот и духовит виртуоз на виолина, Најџел Кенеди чиј настап медиумите го прогласија како „бесценет“, а според некои и најдоброто на „Охридско лето“.
Двајцата руски пијанисти, Александар Гиндин и Алексеј Володин, докажаа дека навистина се дел од светската пијанистичка елита. Нивните настапи ќе останат запаметени како нешто возвишено, нешто што нѐ прави побогати, поголеми и што на ниту еден начин не можеме да го опишеме.
Секако, програмата ја одбележа и концертот на големиот мајстор на кларинет и многу повеќе од кларинетист, професорот Чарлс Најдих, кој беше поддржан од амбасадата на САД во Република Македонија. Во сеќавање ќе останат и настапите на италијанскиот виртуоз на гитара Едоардо Катемарио, албанскиот виолинист Доријан Џоџи, виолончелистот Енрико Бронци, ангелскиот глас на Дивна Љубојевиќ и хорот за духовна музика „Мелоди“.
За празничниот период околу 2-ри август, фестивалската програма понуди неколку атрактивни содржини, а Античкиот театар тие денови го посетија рекорден број љубители на убавата музика, околу 10.000.
Тука, со особено задоволство, би ги издвоила концертите на Влатко Стефановски, Стефан Миленковиќ и специјалниот гостин Васил Хаџиманов на 1-ви август кои понудија музички дијалог со голема енергија, несекојдневно уживање за публиката, првокласен музички двобој. На 2-ри август, пак, Дуке Бојаџиев понуди вонвременска магија на Античкиот театар, концерт за душа, музичко патување со оригинално и маестрално музицирање.
За роденденот на фестивалот на 4-ти август се одржа вистински гала оперски спектакл со настап на 8 тенори од Русија, кои поради својата слава и атрактивност го добиле епитетот „Тенори на 21-виот век“. Тоа беше концерт за паметење кој ја крена триилјадната публика на Античкиот театар на нозе.
После овој концерт, „Охридско лето“ се врати во срцето на фестивалот, црквата Света Софија, каде, пред се, би го издвоила концертот на миленикот на фестивалската публика, рускиот виртуоз на пијано Борис Березовски за чиј концерт се бараше место повеќе. Запаметена ќе остане неговата изјава кога, разгледувајќи ја овогодишната фестивалска програма, рече дека „кога би правел фестивал, тоа дефитивно би бил како Охридско лето“.
Во сеќавање ќе остане и спектакуларниот настап на најстариот ансамбл на ренесансна музика, Хортус Музикус, кои со своите специфични инструменти и екстравагантни костими, ја донесоа ренесансата во Охрид и на огромно задоволство на публиката
подарија бис со изведба на македонското машко оро.
Уште една незаборавна фестивалска вечер ни приреди рускиот гудачки квартет „Чајковски“. Огромно задоволство за присутните беше заедничката изведба на Брамс на кавртетот Чајковски со истакнатата македонска пијанистка Јана Павловска. Интересен спој на руски ансамбл и македонски уметник, со што фестивалот „Охридско лето“ дава огромен придонес во соработката на нашите уметници со странски ансамбли.
На ова фестивалско издание, без сомнение, неизбришлива трага оставија и традиционалните концерти, имено, Вечерта на Европа со поддршка од Амбасадата на Република Полска со фасцинантниот настап на младиот но истакнат полски виолинист, Јарослав Наджицки, и Француската вечер со настап на Камерниот оркестар од Тулуз, која се реализира во соработка со Охридска банка Societe Generale Group и Францускиот културен центар. Вистинска атракција беше и настапот на германскиот квинтет „Алијаж“ кои понудија ретка можност за сите вљубеници во звукот на саксофонот да слушнат четири саксофони со пијано во прекрасниот амбиент на
црквата Света Софија. Особено ми е драго што германските уметници ја прифатија понудата во репертоарот на нивниот концерт да вклучат и дело од македонскиот композитор, Јана Андреевска.
Значајно место на ова фестивалско издание добија и македонските националниmуметнички институции како и македонските уметници. Настапот на Македонската филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет уште еднаш го потврдија
високото уметничко ниво на овие реномирани институции. 51-вото фестивалско издание несомнено го одбележаа и настапите на В.А.М триото, младите македонски уметници и музичката младина на Македонија. Исклучително место зазема и завршниот концерт на музичкиот дел од програмата со настапот на концерт-мајсторот на оркестарот на Валенсија и чест соработник на големите Зубин Мехта и Лорин Маазел, нашиот истакнат млад виолинист, Ѓорѓи Димчевски.
Секако, нема да ја изоставам благодарноста до сите оние без кои беспрекорната реализација на ова фестивалско издание немаше да се оствари. Пред се`, благодарност до директорот на фестивалот Илија Мојсоски и претседателот на управниот одбор Зоран Велјаноски за одличната и професионална соработка со многу поддршка и разбирање, на што се должи и успешното реализирање на годинешново издание. Тука е, се разбира, и тимот од Охридско лето со кој, во секојдневна комуникација и координација ги споделувавме обврските, а и задоволствата по секој успешно завршен настан. Исто така, огромна благодарност до Министерството
за култура и претседателот на Република Македонија за целосната поддршка како покровител, до главниот спонзор Македонски телекомуникации и сите останати спонзори и помагатели, како и до Амбасадите на САД, Франција, Германија, Полска, Канцеларијата на ЕУ во Македонија. Но, најмногу до вас, претставниците на средствата за јавно информирање, кои овие 40 дена бевте наши верни сопатници и на најдобар можен начин ги споделувавте прекрасните моменти со нас и најмногу со уметниците. Благодарам што и оваа година бевте значаен составен дел од фестивалот Охридско лето.
Сосема за крај, би издвоила неколку изјави на уметниците за тоа како тие го доживеаја овогодишното „Охридско лето“, а нивното мислење се разбира ни е повеќе од значајно:
Најџел Кенеди: Ова беше еден од моите најдобри концерти, воодушевен сум од убавините и историјата на овој град. Си одам од тука со желба еден од моите следни концерти да биде на импозантниот простор на Античкиот театар во Охрид.
Александар Гиндин: кога ја разгледав брошурата за 50-тото јубилејно издание, бев фасциниран од тоа колкав број познати уметнички имиња настапиле на само едно издание, па и јас посакав да бидам дел од Охридското лето и со задоволство ја прифатив поканата.
Чарлс Најдих: Со задоволство ја прифатив поканата за учество на „Охридско лето“ од музичкиот селектор Гордана Јосифова – Неделковска, за време на нејзиниот престој во Њујорк каде што таа имаше концерт. Искрено се надевам дека ќе можам повторно
да дојдам, на подолго време, да остварам некои средби, да разменам искуства и да одржам предавања со младите кларинетисти од Македонија.
Борис Березовски: Ова е еден од најдобрите фестивали што воопшто постојат. Фасциниран сум од програмската понуда во која има учество на врвни светски музички имиња од класичниот репертоар, но и неколку концерти со поинаква содржина, за да се задоволи вкусот на пошироката публика. Програмата е навистина исклучителна и мислам дека ако јас правев фестивал, ќе го правев истото.
Енрико Бронци: Голема чест и задоволство ми претставува настапот на „Охридско лето“, воодушевен сум од убавините на Охрид, од овој навистина посебен амбиент и акустика на Света Софија, како и од одличната реакција на публиката. За мене, а верувам и за многу други уметници, Света Софија значи исполнување на сонот, да се свири во ваков амбиент, со ваква акустика и пред ваква публика, тоа е само сонување на сонот со отворени очи.
Кирил Родин, Квартет „Чајковски“: Охридско Лето е еден од најпознатите музички настани кој обединува врвни музичари и пејачи. Анализирајќи ја овогодинешната програма на фестивалот, може да се заклучи дека се работи за врвно програмско остварување со што фестивалот Охридско лето претставува вистинско собиралиште на културата, меѓународните пријателства и нови отворања.