Со завршна изложба на која беа претставени делата на годинешните учесници беше означен крајот на седмата меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот.
Во наредните денови во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци ќе бидат изложени над 30 графики, кои произлегоа од рацете на 18 уметници (графичари) од Македонија и од странство.
– Овде се изложени трудовите на уметници од ликовните академии од Љубљања, Загреб, Сараево, Сплит, Нови Сад, Белград, Софија и Скопје, изработени во изминатите десетина дена. Јас дваесет години работам како професор по графика и можам да ви кажам дека за тој период на факултетите не може да се изработи една графика, а овде учесниците изработија по неколку и од сите направија повеќе отпечатоци, што е навистина голем успех, изјави на завршната изложба Аница Радошевиќ, редовен професор на Академијата за уметности во Нови Сад и ментор на годинешната работилница во Богданци.
Од Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, кое е организатор на работилницата, велат дека нејзината цел е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и услови за реализација на нивните дела, бидејќи поради условите во кои се работи, графиката како техника е помалку застапена во целиот регион.
– Во име на сите учесници сакам да им се заблагодарам на домаќините што ни овозможија тука да се чувствуваме како дома. Благодарни сме што нашиот престој овде не беше само туристичка тура туку се` беше ставено во функција на едукацијата, во размена на искуства и во надградба на нашите знаења и вештини, рече Иван Оштаревиќ, студент на Академијата за ликовни уметности во Загреб.
Во текот на наредните месеци се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија.
Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа околу 120 млади графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати универзитетски професори од Македонија, Србија и Хрватска.