Заврши 10-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица …
Под мотото „Ново и старо“ викендот во Струмица заврши 10-то јубилејно издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Организаторите, го оценија како најуспешно реализирано издание досега.
– Квалитетната филмска програма, високорафинираните технички услови за проекции, присуството на бројни странски гости и свеченото заокружување на десетгодишниот подем – се главни одлики на ова фестивалско издание, соопшти организаторот.
Меѓународното жири составено од Биргит Штаубер, Желимир Гвардиол и Стефан Шашков едногласно донесе одлука за доделување на наградите.
Златната потковица ја понесе индиско-јужноафриканско-данскиот документарен филм „Измет врз бедата“ на Вијај С. Јода, сребрената ја доби израелско-украинскиот документарец „Калуш што мислев дека го познавам“ на Бернард Дичек, додека бронзената му припадна на босанско-херцеговскиот документарен филм „Небо“ на Дино Касало. Специјална диплома од жирито му е доделена на холандскиот документарец „Звуци од мазин“ на Ингрид Камерлинг. За најдобар краток игран филм е прогласен данскиот оскаровец „Хелиум“ на Андерс Валтер.
Старозлатниот проектор го освои полскиот краток филм „Бирди“ на Ева Коханска. Наградата Ацо Алексов за најдобар автор ја доби македонскиот филм „Добро време за умирање“ на Сенад Абдули. Наградата Ѓорѓи Абаџиев за најдобро сценарио му е доделена на косовскиот филм „Амел“ на Море Раца. Специјална диплома ја доби полскиот краток игран филм „Жар“ на Бартош Крухлик. Најдобар анимиран филм е оскаровецот „Г-дин Хублот“ на Лорент Витз од Луксембург, а специјална диплома доби и францускиот „Литературни мистификации“ на Јорис Клерте.
Специјалното жири на наградата „Мувиленд“ (Иво Јанков, Тони Димков и Влатко Галевски) одлучи наградата за најдобар австриски филм рамноправно да ја поделат „Прв поглед“ на Јулиана Неухубер и „Нечуен“ на Зигмунд Скалар.
Во текот на петдневните фестивалски чествувања, покрај доделувањето на специјалните награди на лауреатите Борис Геретс и Љупка Џундева, во Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Велјуса импресивно беа одржани Астер портретот и Тивериополските беседи во знак на добитниците на овие престижни признанија. Се одржа и мастер класата на Борис Геретс, која собра млади љубители на филмската уметност.
Фестивалот официјално заврши со проекција на наградените филмови, а во следниот период, јубилејните настани на „Астерфест“ ќе продолжат да се прикажуваат со репризни проекции и авторски средби и со натамошна афирмација на кусометражната и креативната документарна филмска форма.