Во струшко Враништа отворена музејска поставка

Со поддршка на Министерството за култура, Музејот „Доктор Никола Незлобински“ од Струга и Црковниот одбор од селото Враништа денеска ја отворија Музејската поставка со вредни предмети во комплексот на црквата „Свети Никола“ …

sveti-nikola

Според директорот на струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“, Сашо Цветкоски, за јавноста ќе бидат достапни археолошки предмети од депото на музејот, но и средновековна збирка со артефакти, кои се сопственост на црквата во Враништа.

– Имаме археолошки предмети од времето на праисторијата, бидејќи во Враништа има една од поголемите наколни живеалишта во Струшко. Преовладува праистиорискиот материјал, но има и предмети, кои од антиката и средновековието. Се работи за кремени и камени предмети, керамика, и се она што е поврзано со неолитската цивилизација, рече Цветковски.

Од среден век, додаде тој, изложени се неколку икони од 16-от и 17-от век, како и од 19-от век од времето на Преродбата, но и предмети од применета уметност таканаречени богослужбени. Појасни дека на посебни паноа ќе биде дообјаснето она што е презентирано во музејската збирка.

Вредната збирка е поместена во специјално адаптиран простор во комплексот на црквата „Свети Никола“.

– Во Струга иако имаме неколку музејски објекти, сепак немаме доволно простор за да презентираме се што имаме во депоата. Она што е вредно од Враништа ќе биде изложено таму. Тоа ќе биде одлична можност и за промоција на селото и археолошките локалитети што ги има таму. Нашата интенција и напорите на Министерството за култура се, она што е пронајдено како вредно откритие, да си најде свое место во изложбените простори. Само тогаш ја има вистинска функција и вредност, додаде Цветковски.

Како што нагласи, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, оваа музејска поставка ќе биде сведок дека Македонците ги негуваат своите цивилизациски достигнувања.

– Токму овој повод што не собра во дворот на црквата „Свети Никола“ потврдува дека и денеска, нашата света црква ги негува тие културни, просветни и цивилизациски достигнувања. Она што го сочувала оваа црква низ вековите и она што е најдено на подрачјето на селото, со вредните раце и умови, пред се на директорот на Музејот, Цветкоски и со помош на Црковниот одбор, е поставено за да сведочи дека припаѓаме на еден народ, цивилизиран, културен, кој знаеме не само да го сочуваме, туку и да го презентираме на достоинствен начин, изјави Тимотеј.

Тој упати апел, во иднина, и другите цркви и манастири да го следат овој пример.

Локалниот свештеник, отец Ристе Наумоски смета дека со отварањето на една ваква музјеска збирка, месното население од Враништа ќе ги заштити пронајдените артефакти од кражбите на икони и други вредни предмети, кои се зачестени во овој регион.

– Затоа одлучивме, со овој чекор да си го заштитиме нашето место. Нашата црква и претходно беше обезбедена со видео-надзор, но сепак се решивме на ова. Ја збогативме нашата црковна збирка, благодарение на Музејот „Доктор Никола Незлобински“ од Струга, со праисторија, со вредни пронајдени предмети од ран, среден и доцен век. Имаме локалитет кај црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ кај гробиштата. Таа е трикорабна базилика на две води, и тука, при секое ископување на нови гробови, наоѓаме по некој предмет. Сите сакаме да ги заштитиме и да останат во ова место, дециден е отец Наумоски.

You May Also Like