ЖКУД „Владо Тасевски“ со успешен настап во Катовице, Полска

Железничкото Културно Уметничко Друштво „Владо Тасевски“ – Скопје во периодот од 29 август 2011 до 04 септември 2011 година,  учествуваше на Интернационалниот студентски фолклорен фестивал во Катовице – Полска, кој е под покровителство на CIOFF ( International Council of Organizations of Folklore Festivals and Folk Arts).

На фестивалот во Катовице (Полска), ансамблот се претстави со кореографиите Повардарие и Калајџиско, изворните ора Овче Поле и Ситна Лиса, како и со две полски песни Szla Dzieweczka и O mój Rozmarynie. На 24-от интернационален студентски фолклорен фестивал, покрај Македонија, зедоа учество и фолклорни групи од Мексико, Словенија, Украина, Германија, Ерменија, Бугарија и Полска.

Инаку, ЖКУД „Владо Тасевски“ – Скопје е формирано во 1945 година. Од тогаш па до ден денес, друштвото има настапувано на многу европски сцени. Во 1959 година го освојува Златниот Ланец во Дижон (Франција), за потоа во 1969 година да го освои и Сребрениот Ланец на истиот фестивал во Дижон. Веднаш потоа доаѓа и освеното прво место во Langolen Blimghton (Англија) проследено со награди во Бурса (Турција), Гориц и Авиано (Италија), Софија (Бугарија).

Моментално, ансамблот е составен од играорци, оркестар и пејачка група. Најголемиот број членови се на возраст од 18-24 години.

ЖКУД „Владо Тасевски“ има богат репертоар од 20-на кореографии и песни од сите области на Македонија.

Кореографи на членовите на ЖКУД Владо Тасевски се Стојанче Костов и Елена Трајчева.

You May Also Like