Едукативен настан „Да растеме заедно“

„Да растеме заедно” ќе се одржи во сабота на 22 декември 2012, со почеток во 12:00 часот, во Градинарскиот центар Фоја (ул. Народни херои бб, Дом на слепи Кисела Вода) Скопје.

Во соопштението наменето за најмладите се вели:

Преку садење смреки од даб ќе се запознаеме подетално како се одвива процесот на создавање и развивање на дрвото од една семка, а воедно ќе се дружиме, забавуваме и ќе научиме нешто повеќе за природата. Целта на оваа акција е да ја потикнеме свеста кај децата од мали нозе за грижа и чување на природата како и потикнување на љубов за природата.

Сакаме да им понудиме на децата можност самите да засадат семка дрво, во саксија на која ќе стои нивното име. Секоја саксија ќе го носи името на детето и ќе може во текот на целата година да го посетува и да следат растењето на своето дрвце. Идејата е децата да видат дека процесот на растење и созревање е дел од еден животен циклус и дека дрвјата се непроценливо богатство за кое треба сите ние да се грижиме.

Садењето даб токму пред новогодишните и божиќните празници не е случајно избран.  За нашиот народ дабот има и голема симболика, на пример, на Божиќ, гранки од даб се закачуваат на куќите, за да биде родна годината, да има бериќет и здравје во куќата.

Македонскиот даб е ендемски вид со посебни карактеристики и преставува вистинско природно богатсво. Името македонски даб го добива затоа што неговиот ареал е соодветен со територијата каде што со векови живее македонскиот народ. Покрај терминот македонскиот даб, постои и синонимот Тројански даб.

Дабот благодарение на својот изглед, издржливост и долготраен живот, се смета за симбол на моќта, издржливоста и долговечноста. Тој му припаѓа на добрите, на чистите и светите дрвја, а македонскиот народ во дабот отсекогаш гледал како на свет знак, полн со живот.  Неговите лисја содржат апотрепејски својства, а во целина како дрво и лековита моќ.

Велат дека дрвјата се белите дробови во природата. Ве повикуваме сите заедно со здружени сили да придонесеме за Македонија да биде и остане зелена и чиста.

Овој проект е инициран од невладините организации Уметност на живеење Македонија, СУНА, Банка за храна Македонија  и Арт Лајф.

Подржувачи на настанот: Градинарски центар Фоја и проектот Македонија зелена и чиста.

You May Also Like