(одложено) Европски хепенинг во Паркот на франкофонијата

Поради временската состојба се одложува европскиот хепенинг по повод Денот на Европа. Хепенингот ќе се одржи на 17 мај 2013 год. (петок), со почеток во 11:00 часот, во Паркот на Франкофонија.

—————————————–

Манифестација под мотот „Сите заедно под исто европско небо“ ќе се реализира денеска (9 мај 2013 година,четврток), со почеток од 11:00 до 14:30 часот, во Паркот на Франкофонија, поточно спроти ресторанот „Ања“, во близина на Градскиот стадион.

И годинава Општина Центар ќе го одбележи 9 Мај – Денот на Европа, со Европски хепенинг што традиционално се организира веќе 7 години во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Во реализацијата на програмата ќе земат учество околу 700 деца од сите основни училишта и детски градинки во Општината, како и 15-тина конобари од кафулињата и ресторани во Општината, кои ќе се натпреваруваат на традиционалната Трка на конобари. Она што е карактеристично за годинешниот хепенинг, е што основните училишта ќе ги претстават сите 28 земји членки на Европската Унија, преку симболично претставување на нивните карактеристики, традиции, значајни ликови кои оставиле белег низ историјата на секоја земја.

Традиционално манифестацијата ќе започне со химната на Европската Унија и со обраќања на Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, Амбасадорот на ЕУ во Скопје Аиво Орав и Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.

Овогодинешната програма изболува со богата содржина и настани кои ќе се случуваат паралелно на неколку локации низ Паркот на Франкофонија:

–  На поставената и брендирана бина во знакот на Европска Унија, ќе има специјална дваипол-часовна музичко сценска програма, на која децата од училиштата и градинките преку танц и музика, ќе ги претстават земјите членки на ЕУ;

–  На повеќе локации низ Паркот на Франкофонија, секое основно училиште од Општината, ќе има можност да претстави по четири земји – членки на Европската Унија, при што посетителите ќе можат да се запознаат со најзначајните обележја на земјите. Покрај училиштата, свои катчиња ќе имаат и дечињата од градинките, кои пак ќе ја претстават Македонија на патот кон ЕУ;

– Додека трае Програмата, на посебен дел од Паркот, ќе биде поставено платно, на кое ученици од секое училиште ќе цртаат графити, на тема: „ЕУ низ призмата на младите“;

–  Во Паркот на Франкофонија (по посебно исцртани патеки) и овој пат ќе се одржи традиционалната Трка на конобари. Најбрзиот и најспретниот конобар ќе добие пехар од Градоначалникот на Општина Центар, како и парични награди за прво, второ и трето пласираниот конобар;

На задоволство на сите учесници, овој хепенинг има и натпреварувачки каратер, со тоа што оваа година, учениците ќе се натпреваруваат во три категории: најкреативно катче, најкреативен графит и најдобар музичко-сценски настап.

You May Also Like