Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во петокот вечер во хотелот Александар Палас ја отвори завршната манифестација на 25 Годишна конференција на АЕХТ (Европска асоцијација на хотелско-туристички училишта).
– Сакам да го изразам моето задоволство што сте вечерва во главниот град, гости на градот Скопје, и на Република Македонија, во рамките на една ваква обемна образовна манифестација, 25 Годишна конференција на АЕХТ, во организација на нашето средно училиште „Лазар Танев“. Градот Скопје дава несебична поддршка на сите вакви манифестации, бидејќи образованието на младите е еден од нашите приоритети, и секогаш ќе даваме поддршка на се што ќе придонесе за зголемување на квалитетот на образованието, но и за развојот на туризмот во нашиот град и пошироко. Се надевам дека имавте можност да уживавате во туристичкото разгледување на градот Скопје, иако еден ден е премалку за да се видат сите негови убавини, но верувам дека во вашата меморија засекогаш ќе останат спомени на убавите моменти поминати заедно со пријателите во нашиот град. До колку немавте можност при оваа посета, се надевам дека ќе дојдете повторно и ќе ги посетите кањонот Матка, археолошкиот локалитет Тумба Маџари, Милениумскиот крст на Водно до кој можете да стигнете со жичница, Старата скопска чаршија и многу други локалитети – истакана градоначалникот Трајановски.
Минатата година учениците од средното училиште на Град Скопје „Лазар Танев“ учествуваа на меѓународниот натпревар што се одржа во Хаг, Холандија, каде што освоија златен медал и го презедоа знамето на АЕХТ за ораганизација на 25 Годишна конференција и натревари во нашата земја.
Конференцијата, односно натпреварите се одржаа во Охрид, каде што учествуваа 600 ученици, професори и директори од 130 угостителски училишта од Европа. Учениците на СУГС „Лазар Танев“ пет дена во осум дисциплини се натпреваруваа со ученици од овие угостителски училишта од Европа.
За сите учесници на 25 Годишна конференцијата на АЕХТ, ученици, професори и директори, по завршувањето на натпреварувачкиот дел беше организирана еднодневна екскурзија за да се запознаат со култорно-историските знаменитости во градот Скопје и во неговата околина.
На завршната манифестација на Конференцијта присуствуваше и Државниот секретар во Министерството за образование и наука на РМ, Елизабета Тодоровска.