Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 23-25 мај 2013 година ќе биде дел од регионалниот проект „Различноста, како начин на градење капацитети во културните индустрии“ која ќе се одржи во Подгорица, Црна Гора, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Црна Гора и Друштвото на ликовни уметници на Словенија.
Покрај земјите организатори (Црна Гора и Словенија), во проектот и дебатата учество ќе земат и земјите партнери Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.
Во првиот дел од проектот ќе биде претставена изложба, на која ќе земат учество земјите учеснички со по пет автори од современата ликовна сцена. Ликовни автори од Македонија кои ќе бидат дел од изложбата се: Ибрахим Беди, Тања Балаќ, Маријета Сидовски, Дијана Томиќ Радевска и Христина Зафировска.
Вториот дел од проектот е дебата на тркалезна маса на тема: „Убавината на различностите и зацврстување на капацитетите на културните индустрии (јакнењето на капацитетот на уметничките здруженија)“.
На тркалезната маса на тема „Убавината на различностите“ учество ќе земе д-р. Елизабета Шелева критичарка и теоретичарка. Претставник на тркалезната маса ќе биде и претседателот на ДЛУМ, Тања Балаќ, која ќе говори на тема „Зацврстување на капацитетот во културните индустрии (јакнењето на капацитетот на уметничките здруженија). Балаќ ќе даде и увид во историјатот на ДЛУМ, неговата општествена улога и значење како и за проблемите со кои се соочува Друштвото во изминативе години, но и насоките во кои треба да се движи во иднина.