Дигитална едиција на добитниците на наградата „Браќа Миладиновци“

На 20 март (среда) 2013 година во 11:00 часот, во просториите на Градската библиотека „Браќа Миладиновци” Скопје ќе се одржи свечена промоција на дигиталната едиција на добитниците на наградата  „Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата.

Станува збор за дигиталната едиција на 50 наслови од 39 автори, кои за својот поетски придонес се наградени со најпочитуваната и најпосакувана поетска награда во Република Македонија – наградата „Браќа Миладиновци“, за најдобра поетска книга меѓу две изданија на Струшките вечери на поезијата.

 

Оваа ретка колекција е скапоцена за нашето културно наследство и нашата културна и национална сегашност и иднина. Затоа, најголемата јавна библиотечна установа во Република Македонија, Библиотеката на македонската престолнина, која со гордост го носи името на големите струшки браќа и со посебна грижа ја негува и унапредува библиотечната дејност, ја одржува и афирмира љубовта кон книгата, бдее над секоја новоизлезена книга, од денес е и домаќин и чувар на овие бесценети дела презентирани во нова форма на модерните издавачки трендови.

 

Настанот ќе го поздрави и Градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.

 

Промоцијата ќе биде збогатена со музичка изведба на Тони Арслан (виолина), Љупчо Трајановски (виола) и Дејан Цветковски (виолончело), како и со актерска интерпретација на Николина Кујача и Томе Витанов, кои ќе читаат стихови од наградените автори.

You May Also Like