Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, застапуван од страна на ректорот проф. д-р Велимир Стојковски, и Универзитетот во Џенова, Република Италија, застапуван од страна на ректорот проф. д-р Ѓакомо Деферари, потпишаа Договор за научно-образовна соработка.
Двете институции го потпишаа овој Договор ценејќи дека имаат исти цели во полето на наставата, истражувањето, обуката и културата и дека имаат заеднички интерес за воспоставување на меѓународна договорна соработка.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Универзитетот во Џенова со овој Договор се согласни:
– да организираат заеднички студиски програми на различни нивоа кои ќе резултираат со доделување на двојни дипломи;
– да обезбедуваат стипендии за наставна и истражувачка работа;
– да ја интензивираат размената на истражувачи, студенти, наставен и административен кадар;
– да ја зајакнат соработката на полето на научното истражување преку реализација на активности кои се од научен интерес, како и преку можноста за размена на искуства во користењето на современа научна и техничка опрема.
За да се постигнат целите, двете страни, на реципрочна основа, ќе изготват работни програми со протоколи за имплементација.