„Денови без драма“ премиерно на сцената на Битолскиот театар

Народниот театар-Битола викендов премиерно ќе ја изведе претставата „Денови без драма“ во режија на гостинката од Холандија Марјолаин Биренс, која воедно е и автор на текстот од претставата во која ќе настапат актерите Соња Михајлова, Борис Чоревски, Елена Моше, Васко Мавровски и Илина Чоревска.

dom-na-kultura-bitola

Третата годинешна премиера и околу 60 изведби на претстави на сцените на Битолскиот театар во првите три месеци од оваа година, според директорот на установата Валентин Светозаров, се потврда дека годината на јубилејот – седум децении постоење на театарот во Битола, почна со жестоко темпо.

– Отвораме една нова страница во нашиот театар, со еден поинаков театарски сензибилитет, кој ни го овозможи гостинката од Холандија со што првпат во Македонија и во Битола режира режисер од таа држава. Тоа што Марјолаин ни го наметна всушност е холандската рамница во еден немирен балкански простор, еден исклучителен театарски чин кој според емоциите одамна сме го немале, рече Светозарев.

Режисерката Марјолаин на денешната прес конференција во Битола рече дека „Денови без драма“ се случува на стар плоштад и во неа се испреплетуваат пет драми на пет различни лица кои всушност преку своите приказни го покажуваат пејзажот на животот. – Оваа драма е за луѓето што се заглавени во сопствените мисли и кои често мислат дека е можна друга идеја или верзија за животот на некое друго место. Кај нас во Холандија не постои навика да се искажуваат големи емоции, но тоа не значи дека ги немаме и тие се скриени длабоко во нас, истакна Марјолаин.

Преводот од холандски на македонски јазик за претставата „Денови без драма“ го изврши Синоличка Меллес Трпкова, драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, костимите ги подготви Благој Мицевски, а светлото е на Димче Спасовски.

You May Also Like