Седмиот по ред мултимедијален спектакл „Види музика-слушни слика – добиј книга“ се одржува денеска (четврток, 19.јуни 2014 година), со почеток во 21:00, во Градскиот Парк. Организатори се македонската филхармонија и МКЦ.
Како и секоја година, со концерт на оркестарот на Македонската Филхармонија, ќе се подарат 20.000 книги, и на огромни платна со димензии 12 х 3 метри, ќе имаме можност да го проследиме ликовниот меч на кој силите ќе ги одмерат етаблирани академски ликовни уметници. Годинава, со десетици литри боја, огромни четки, на огромните ликовни платна, еден спроти друг, ќе се ликовните уметници Менсур Бојда и Владимир Симеонов. на ова издание на ВИДИ МУЗИКА – СЛУШНИ СЛИКА – ДОБИЈ КНИГА бесплатно ја доделуваме книгата Vita Brevis на норвешкиот писател Јостен Гордер.
Vita Brevis е напишана во исповедна и во епистоларна форма, со целосна и безмилосна искреност, уште еднаш истакнувајќи дека потрагата по вистината, каква и да е, каде и да е, претставува исклучителен трнлив пат. Композицијата на делото, со која вешто нè заведува авторот, е замислена така што самиот тој, еден ден, случајно пристигнува на еден пазар во Буенос Аирес, каде што во една антикварница наоѓа стар ракопис од четвртиот век, за кој претпоставува дека е автентично писмо од Флорија Емилија до Аврелиј Августин, бискупот на Хипон. Неговата креативна и заводлива вештина со која ја мами нашата потсвест, ја изведува низ форма на вклучување реални моменти во новелата, како што се ценкањето и сумата што ја платил за ракописот, благодарноста до луѓето наведени со имиња и презимиња кои помогнале при преводот од латинскиот јазик, како и во утврдувањето на оригналноста на ракописот…, и вие веќе сте таму, во тој свет, без трошка сомнеж дека сè се случило токму така како што е раскажано.
Јoстен Гордер, роден во Осло, 1952, во семејство на интелектуалци.
Автор е на Светот на Софија, роман за историјата на филозофијата, печатен во 30 милиони примероци, популарни дела од неговото перо се: Божиќна мистерија , Ќерката на директорот на циркусот, Девојката со портокали, Замок во Пиринеите.