Старото кино во Кисела Вода ќе прерасне во Дом на културата

Старото кино во скопската населба Кисела Вода ќе се реконструира и адаптира во нов, мултифункционален објект.

kisela voda kino obnova i rekonstrukcija 2

Како што денес најавија министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и градоначалничката на Општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, граѓаните ќе добијат Дом на културата кој ќе се користи како театар со 144 седишта. Просторот ќе има и библиотека, уметнички клуб, кафетерија со галерија, административни канцеларии, како и простории за месната заедница со посебен влез.

Реконструкцијата ќе се реализира со средства од државниот и Буџетот на локалната самоуправа.

kisela voda kino obnova i rekonstrukcija 3

– Кисела Вода е една од најстарите општини. Граѓаните заслужуваат да имаат совршен објект со мултикултурна функција и добра културна понуда во интерес на збогатувањето на културниот живот, истакна Канческа Милевска на прес-конференција.

Потенцира дека ќе продолжи владината поддршка за развој и збогатување на културниот живот во локалните самоуправи.

– За да се погледне театарска претстава, концерт, изложба, најново филмско остварување, нема да има потреба да се патува до централното градско подрачје, уметноста ќе биде на дофат. На уметниците, пак, ќе им понудиме современи услови за творење и уметничко изразување, амбиент за нивен личен професионален развој, подвлече Беличанец Алексиќ.

kisela voda kino obnova i rekonstrukcija 1

Според неа, некогашното кино има одлична местоположба. Се наоѓа во срцето на општина Кисела Вода и преку постојната улична мрежа е одлично поврзано со центарот на градот. Располага со површина од околу 950 метри квадратни.

Предвидено е новиот Дом на културата да биде енергетски ефикасен објект со модерна надворешност. Фасадата ќе биде од композитни алуминиумски панели во три бои, црвена, темно и светло сива. Надворешниот простор ќе биде холтикултурно уреден, а за посетителите ќе бидат обезбедени и паркинг-места.

Како што рече градоначалничката, планирана е изградба и на целосно нова атмосферска канализациска мрежа.

You May Also Like