“Гугл стрит вју” наскоро и за Македонија

Возилата на Гугл од понеделник во Македонија, Гугл стрит вју најпрво за Скопје и Битола …

google street view

Почнувајќи од понеделник, на 29 септември улиците на Скопје и на Битола ќе бидат снимени со специјализираниот автомобил на Гугл од каде ќе се фотографираат улиците за панорамски фотографии од 360 степени. По Скопје и Битола, на ред ќе бидат и улиците на Куманово, Прилеп, Тетово, Охрид и останатите градови и села.

„Планираме да покриеме колку што е можно повеќе од патната мрежа во текот на наредните неколку месеци“, велат од Гугл.

Стрит вју (Street View) е дел од Гугл мапс (Google Maps) кој ви овозможува да ги видите улиците одблизу со панорамски фотографии од 360 степени. Македонија ќе биде 60-та земја во која Гугл ги праќа своите специјализирани автомобили. Ваквото одблизу претставување на градовите на Гугл мапс има големо значење и за развојот на туризмот.

Се очекува дека првите фотографии ќе бидат достапни веќе за еден месец. Она што е исто така битно е дека Гугл за овој потфат веќе ги договорил сите детали и со Дирекцијата за заштита на лични податоци на Република Македонија во однос на заштита на приватноста на граѓаните за време на снимањето. Тоа значи дека личните и осетливи информации нема да бидат прикажани на фотографиите, односно лицата на граѓаните и регистарските таблички ќе бидат замаглени на сите слики.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски изјави: „Ми претставува особено задоволство дека благодарение на Гугл стрит вју светот може да ја види Македонија во нова димензија, преку компјутери или смартфони. Ова е од особено значење за туризмот и ќе придонесе кон подобро позиционирање на Македонија на светската мапа на атрактивни дестинации, каде убавината на земјата може да се види преку кој било уред приклучен на интернет“.

You May Also Like